Смартфон што чини само 200 денари е претставен во Индија

Најевтиниот смартфон на светот, наречен „Freedom 251“, кој ќе се продава за само 3.6 долари (рамно 200 денар) е претставен вчера во Делхи, Индија. Компанијата што го продава, Ringing Bells досега е комплетно непозната во јавноста, а се работи за 3Г телефон со спецификации слични на смартфони најмалку 15 пати поскапи.

Телефонот ќе се продава во следните пет дена преку веб-страницата freedom251.com, а испораката е предвидена до јуни годинава. Вчера, непосредно по лансирањето, веб-страницата била во прекин, откако, според компанијата, имала околу 600.000 посети во секунда.

Основачот на Ringing Bells, Мохит Гоел вели дека смартфонот ќе се произведува локално, како дел од обемната програма „Make in India“ што ја промовира владата на премиерот Нарендра Моди. Сепак, прототиповите што им биле покажани на новинарите се всушност кинески телефон со бренд име Адком. Телефонот, кој има оперативен систем Андроид и екран од четири инчи, наликува на постариот модел Ајфон 4, со копчиња и икони речиси идентични на смартфонот на Епл.

Експертите кои ги пробале прототиповите велат дека искуството е во рамките на очекувањата за еден евтин смартфон, кој обично чини околу 50 долари.

Во меѓувреме, според медиумите, Индиската асоцијација за мобилни телефони реагирала до министерот за телекомуникации Рави Шанкар Прасад, велејќи дека не е можно да се продава каков било смартфон со цена пониска од 40 долари. И експерти од индустријата изразија сомнеж во ниската ценам, истакнувајќи дека само деловите од кои се изработува еден смартфон чинат осумпати повеќе од цената на овој конечен производ.