„Слушни ме!“ – кампања која им дава глас на младите од шест општини

Со цел да се слушне гласот на младите и тој да стигне до градските власти, започна кампањата „Слушни ме!“, во пресрет на локалните избори 2021. Преку кампањата, од младите во шест општини беше побарано да кажат кои работи треба да им бидат приоритет за решавање на идните локални власти, како и кои се нивните реални потреби. Во кампањата се вклучени младите од Карбинци, Куманово, Липково, Теарце, Тетово и Штип.

Преку веб страница www.slushni.me  младите можат да гласаат за приоритетите во секоја од овие општини. Препораките од младите ќе бидат доставени до избраните градоначалници и советници за да се даде идеја и импулс да се заложат за подобрување на локалната самоуправа според потребите на младите. Идеите за кои може да се гласа на веб сајтот се предлози на млади луѓе од секоја од општините, за како тие сакаат да изгледа нивната средина и условите кои сакаат да ги имаат. Со гласање за идеите младите од шесте општини учествуваат во изборот на „Топ 3“ приоритети за секоја општина.

„На овој начин сакаме да ги поттикнеме кандидатите и идните носители на одлуки да се информираат и да работат за политики во интерес на младите, но и да ги вклучуваат во одлучувањето во иднина“, велат од „Слушни ме!“.

 

Целта на кампањата е да се мотивираат и информираат младите да ги препознаат изборите како начин за демократско учество и да се поттикнат младите да се застапуваат за нивните приоритети како и да се покрене свеста кај кандидатите за градоначалници за потребите на младите во овие локални самоуправи.

Kампањатата „Слушни ме“ ја спроведува Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ – Штип), Центар за едукација и развој – Теарце (ЦЕД – Теарце) и Центар за интеркултурен дијалог – Куманово (ЦИД – Куманово). Таа е дел од проектот Иницијативата за демократија на Западен Балкан спроведуван од страна на ВФД со поддршка од Британската влада.