Слушнете ја првата епизода на емисијата „Приказните на бегалците“

Денеска на Радио МОФ беше емитувана првата епизода на новата емисија „Приказните на бегалците“. Водители на емисијата се Нина и Мрв, а во првата епизода од емисијата гостува Димитар Низамовски, дипломиран правник и координатор на програмата „Учиме право“ на Младински образовен форум, кој зборува за човековите права и слободи, Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права.

На секои две недели, почнувајќи од денеска, ќе зборуваме за теми како овекови права, антидискриминација, антиксенофобија, миграција, интернационална заштита и предизвиците со кои се соочуваат бегалците. Многу граѓани во земјата имаат негативен став кон луѓето кои се различни од нив, а бегалците се соочуваат со особено голем дел на предрасуди. Мнозинството млади луѓе во Македонија не се информирани за бегалската криза, причините поради кои настанала и влијанието врз животот на луѓето. Во исто време тие се изложени на предрасудите кои се шират на социјалните и традиционалните медиуми.

Проектот „Приказните на бегалците“, во чии рамки е и оваа емисија, поврзува два различни пристапи за создавање на разбирање меѓу младите во земјата за незавидната ситуација на бегалците. Еден пристап е оној на градење на знаења и информации, разбирање на правната рамка и правата. Другиот е создавање на врски и градење емпатијата.

Овој проект е имплементиран од Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.