Случај на коронавирус во психијатриската болница во Демир Хисар, персоналот во самоизолација

Потврден е случај на коронавирус на психијатар во болницата во Демир Хисар, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Со оглед на тоа што тој бил во контакт со колегите во болницата, додаде министерот, преку Центарот за јавно здравје во Прилеп направени се епидемиолошки анкети и преземени се мерки, а дадена е препорака за самоизолација на психијатрите во болницата. Во меѓувреме, денеска се регистрирани нови 30 случаи на коронавирусот, односно по градови, 12 случаи има во Скопје, девет во Прилеп, осум во Куманово и еден случај во Крива Паланка.

„Денеска во рамки на министерството, заедно со психијатрите на клиниката во Скопје ја организиравме работата во болницата во Демир Хисар, заедно со колегите психијатри од другите институции, од Битола и од Прилеп до завршувањето на самоизолацијата тие ќе бидат прераспределени токму во оваа болница“, рече Филипче.

По потреба, додава тој, ќе бидат вклучени и психијатрите од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово.

„Сите пациенти кои што ќе им биде индициран хоспитален третман ќе бидат упатени во другите центри, во Битола, Охрид или во Прилеп. Доколку има индикација за итност, клиниката во Скопје во било кое време ќе ги прима тие пациенти. Ќе се затвори и центарот за ментално здравје во Прилеп кој што практично го управува психијатриската болница во Демир Хисар“, појасни Филипче.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје пак, вкупно се хоспитализирани 64 пациенти, а примени се шест нови пациенти. Осум од хоспитализираните, рече Филипче, се со потешка клиничка слика, а неколку пациенти се во добра состојба и ќе се тестираат повторно деновиве, со цел да се анализираат тестовите и доколку се негативни во два наврати да бидат испишани. Истото започнало и за 11 од 28 пациенти кои се на домашно лекување во Дебар.

Во однос на тестовите од болницата „Систина“, Филипче појасни дека постои стручно мислење од Комисијата за заразни болести кои ги прати препораките на Светската здравствена организација, односно дека за позитивен пациент се смета пациент кој што ќе направи тест и истиот ќе биде позитивен на присуство на вирусот.

„Тестовите на антитела само поставуваат сомнеж дека некој е носител на вирус и затоа кај сите кои што ги прават тие тестови, мора задолжително да се направи и тестот за присуство на вирусот, за тоа да значи да се потврди или не болеста, односно носителството на вирусот и врз основа на тоа, да се влезе во регистарот на заболени во нашата земја, не само во нашата земја. Тоа е критериумот по кој што се регистрираат пациентите во сите земји во светот, согласно препораките на СЗО“, посочи Филипче.

Министерот Филипче соопшти дека е одобрен пристап до Европскиот солидарен фонд, што значи рамноправно учество со европските земји во заедничките постапки за набавка на материјали и апарати. Исто така, тој соопшти дека Холандија донирала цел кабинет за дијагноза на коронавирусот.

„Станува збор за една машина, кабинети за изолација, целата опрема која што треба да се инсталира и тестови за 2.000 пациенти. Тоа е практично лабораторија која ќе го дуплира капацитетот на сегашната лабораторија во Институтот за јавно здравје, по перформансите сосем еднакви. Холандија тоа го донира преку Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена и Светската здравствена организација“, додаде Филипче.

Исто така, тој информираше за објавата на нова централна веб-страница за сите официјални информации поврзани со справувањето со коронавирусот, на којашто ќе се објавуваат мерките, препораките и вестите од институциите.

М.К.