„Словорум“ за 11 октомври во Струмица – поетско читање и разговор со Танос Гогос и Марија Дејановиќ

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ денеска (11 октомври) од 19:30 часот  во „South side“ во Струмица организира Балканско поетско читање и разговор [Словорум] со поетите Танос Гогос од Грција и Марија Дејановиќ од Хрватска. Разговорот ќе го води и модерира поетот Митко Гогов.

Од „Контекст“ велат дека секојдневно сме сведоци на огромната книжевна продукција и во овие брзи времиња навистина е важно да бидеме во тек со современите пристапи во литературата, односно поезијата.

„Танос Гогос и Марија Дејановиќ се пример за тоа како патувањата, флексибилноста, адаптацијата во различни простори, номадството, ослободувањето од наметнатите стандарди и норми во општеството можат да бидат круцијален елемент, инспирација за творење, преиспитување на познатите светогледи и аспекти на животот, но истовремено и откривање на пространства кои дополнително не мотивираат за истражување. Токму затоа ‘Словорум’ има за цел да направи простор за словото кое доаѓа од различна дирекција и има за цел да облагороди онаму каде што се слуша и да продолжи понатаму во насока полезна како за постоењето на мислата сама по себе, но и на зборот, речта и делото како патоказ кон правото поетско реализирање“, соопштува „Контекст“.

Инаку, Танос Гогос доаѓа од Лариса, Грција каде е роден 1985 година. Тој е уредник на списанието за книжевност „Трака“. „Предно игралиште“ е неговата прва збирка песни, издадена во 2013 година во Грција и во Глазгов во 2014 година.

Марија Дејановиќ е родена во Приједор, Република Српска (Босна и Херцеговина) во 1992 година, а своето детство го има поминато во Сисак, додека сега живее и работи во Загреб, Хрватска. Има објавувано песни, есеи и литературни прегледи во разни списанија, во зборници и на интернет портали во регионот. Нејзините песни се преведени на англиски, романски, словенечки, грчки и италијански јазик.

Ова е прво од гостувањата на меѓународни автори предвидени со проектот „Словорум“ кои треба да се претстават пред струмичката публика. До крајот на месецот „Контекст – Струмица“ ќе ја претстави творечката работа и граѓанскиот активизмот со помош на жеското писмо на поетесата Дорит Вајсман од Израел.