Словенија со бодликава жица ќе го запира приливот на бегалци, Хрватска протестира

Словенија со бодликава жица почна да ја оградува границата со Хрватска со цел да го запре рекордниот прилив мигранти и бегалци, што наиде на остар протест од хрватското министерство.

Словенечката држава е повикана во најкраток рок да ја тргне оградата, бидејќи според хрватското министерство, оградата е поставено на подрачје кое и припаѓа на Хрватска. На ова се спротивставуваат од словенечкото МВР, од каде велат дека Хрватска претходно била известена за поставувањето на оградата, како и дека е поставена само на словенечката страна на границата.

Министерот за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, во интервју за унгарскиот медиум „Преше“ вели дека не станува збор за ограда, туку за техничка бариера, која треба да ја олесни контролата над приливот на бегалци и регистрацијата. Според Ерјавец, Хрватска претходно неконтролирано ги пуштала бегалците, без да даде соодветни информации за нив.

Toj соопшти дека во иднина државата нема да прима нови бегалци, ниту ќе ги прифати протераните бегалци од Германија, каде повторно се актуелни Даблинските правила, со кои бегалците можат да бидат вратени во првата земја на ЕУ во која влегле.

Утрово до девет часот влегле 2 260 бегалци во Хрватска, додека во прифатниот центар има 1 208 луѓе. Словенечките медиуми пренесуваат дека засега е мирно на граничен премин со Хрватска.

Унгарија, која во септември постави граници со Хрватска и Србија, држи повеќе од 1 000 бегалци во затворите. До 10 ноември, 700 бегалци биле протерани бидејќи ја поминале оградата со соседните држави, 200 се во притвор и чекаат судење, додека 500 од нив спаѓаат во посебна категорија на унгарскиот закон.

Српските власти одбиваат да примат депортирани бегалци од Унгарија, во протест против оградата, но ја почитуваат одлуката на Словенија за поставување ограда на границата кон Хрватска. Тие велат дека нема да постават огради на нивните граници, иако досега низ српската територија минале околу 370 000 бегалци.

И Шведска привремено ќе воведе контрола на нејзините граници, каде досега пристигнале околу 80 илјади бегалци, а се очекува до крајот на годинава да пристигнат уште над 100 илјади. Турција пак, се соочува со огромни трошоци за бегалските кампови, за кои биле потрошени 8,5 милијарди долари.

Според информациите од македонското МВР, во изминатото деноноќие на територијата на Македонија пристигнале 4 060 бегалци, од кои 341 се деца кои патуваат без родител. Најбројни се државјаните на Сирија, Авганистан и Ирак. Во изминативе пет месеци, во земјата влегле повеќе од 230 000 бегалци, од кои 70 поднеле барање за азил, претежно државјани на Сирија.

Голем број на луѓе кои се решаваат да избегаат од војната и сиромаштијата во Сирија, Ирак и Авганистан преминуваат низ Туција кон Грција, а преку Македонија и Србија транзитираат кон развиените западноевропски земји.