Словенија: одредена минималната студентска плата

Владата на Словенија и претставниците на студентските здруженија во земјата потпишаа документ со кој се регулира работата организирана преку студентските сервиси. Одреден е минималниот надоместок за еден час работа на студентите, а ним, според документот, ќе им се исплаќаат и придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

Со ова, минималната студентска плата отсега ќе изнесува 3.8 евра за час (4.5 евра во бруто износ). Работодавачите ќе плаќаат 8.85 проценти од бруто платата на студентите за пензиско осигурување, што е стимулација за компаниите, затоа што овој износ е меѓу најниските кои треба да се плаќаат за сите групи работници.

Според словенечкиот премиер Миро Церар, документот кој е потпишан претставува голем чекор напред во регулирањето на привремената работа на студентите и доказ дека дијалогот меѓу генерациите во земјата е изводлив и успешен.

Владата во Љубљана вчера ги продолжи мерките за стимулирање на компаниите кои редовно вработуваат млади луѓе, врз основа на кои за една година, работа добиле 2.500 млади луѓе.