Словенија ќе лансира два сателита во вселената

Владата на Словенија одвои средства за да го лансира сателитот Немо ХД во вселената следната година. Станува збор за првиот од предвидените два словенечки сателити кои ќе бидат лансирани во вселената.

Сателитот ќе обезбеди извор на податоци за потребите на урбанистичкото планирање, екологијата, земјоделството, шумарството и транспортот.

Владата донесе одлука за прераспределба на повеќе од 830 илјади евра од буџетот на Министерството за економски развој и технологија на сметката на Европската вселенска агенција.

Само трошоците за лансирање изнесуваат 2,3 милиони евра. Министерството веќе има некои ресурси, но очекува финансиска поддршка и од другите министерства.

Лансирањето на овој сателит ќе придонесе за меѓународна промоција на специјализирани знаења и технологии развиени во Словенија. Сателитот ќе го надополни европскиот систем Коперник и ќе обезбеди свој извор на податоци за разни потреби.

Овој сателит беше развиен во Центарот за извонредност, кој беше финансиран со 85% од средствата од Европската унија и 15 од буџетот на Словенија.

Покрај Немо ХД, во вселената ќе летне и помалиот сателит Трисат. Тој ќе биде во употреба најмалку две години и деноноќно ќе го  набљудува сончевиот систем.

Лансирањето на првите два словенечки сателита ќе се случи во првата половина од 2019 година. Европската вселенска агенција веќе потврди дека и двата се погодни за лансирање.