Словенците на референдум ги отфрлија измените на Законот за води

Словенечките гласачи ги отфрлија измените на законот за вода преку референдум кој се одржа вчера. Повеќе од 86% гласаа против, покажуваат скоро финалните неофицијални резултати. Исто така, беше исполнето законското барање најмалку 20% од сите гласачи да бидат против за да биде одбиен законот.

По пребројувањето на повеќе од 99% од гласовите, резултатите покажаа дека 86,6% гласале против и 13,4% во корист на законот.

Излезноста беше 46%, највисока на референдум од 2007 година. Највисока беше во Љубљана, скоро 50% и најмала во изборната единица Птуј, скоро 37%, според првичните податоци на Националната изборна комисија.

Законот беше убедливо отфрлен во сите 88 изборни области. Референдумот се однесување на одредбите на новиот закон кои го одредуваат развојот на крајбрежните области.

Тој беше инициран од локално движење на невладини организации кои се спротивставија на одредбите за кои тие велат дека ќе доведат до прекумерен развој, ќе наштетат на јавниот пристап до водите и потенцијално ќе ги загрозат подземните води.

Урош Макерл од еколошката невладина организација „Еко Крог“ вели дека луѓето докажале оти водата и природата се нешто од што не се подготвени да се откажат и можеби најголемото богатство на Словенија.

„Ова е победа на храброста и активирање на добрите луѓе кои сакаат да ги променат работите на подобро“, рече тој.

Макерл истакна дека ова е победа и на младите, истакнувајќи дека младите покажале дека ќе се борат за својата иднина.

„Навистина ми недостасуваше ова во изминатите 10, 15 години активизам и јас сум исклучително среќен“, додаде тој.

Владата, пак, го тврди спротивното од екологистите, тврдејќи дека новата одредба всушност ќе ги заштити крајбрежните области од прекумерен развој.

Министерот за животна средина Андреј Визјак рече дека референдумот е украден и злоупотребен за да се постигнат други цели, вклучително и политички цели.

„Луѓето реагираа емотивно … гласачите беа охрабрени од некои брошури кои немаат никаква врска со целта на законодавството“, рече Визјак.