Три дена по ред, односно на 25, 26 и 27 мај, словачкиот состав „Војди“ ќе одржи три различни свирки во Македонија.
„’Војди’ се трочлен art rock/math rock состав од Прешов, Словачка, кои ја имав привилегијата да ги слушам два дена по ред на овогодишната МЕНТ музичка конференција. После концертите во ‘Menza pri koritu’ и ‘Klub Gromka’, зборувавме за Скопски мерак и за напуштените бродови на вардарскиот кеј — и со голем ентузијазам се договоривме да организираме концерти во Македонија како дел од нивната европска турнеја“, вели Марија Јаќовска, промотерката на свирките во Македонија.
Како што посочува таа, овие музички алхемичари мешаат рок, џез, панк и апсурд во експлозивен настап од кој не може да тргнете поглед.
„Ќе свират во Битола (‘Паб Ѕе’, 25 мај) и Скопје (‘Порта Џез’, 26 мај), завршувајќи ја оваа турнеја-во-турнеја со сесија во живо на Канал 103 (27 мај). Концерт на ‘Војди’ е патување низ хаос, хумор и виртуозност што ве остава збунети, но целосно задоволени. Ако ви е здосадено од предвидливи бендови – влезете“, посочува Јаќовска.
Билетите за концертот во „Порта Џез“ се 150 денари, додека за оној во „Ѕе“ – 250 денари.
View this post on Instagram