Словачка во еден ден тестираше повеќе од 2.5 милиони луѓе за Ковид-19

На речиси половина од вкупното население на Словачка им беше земен примерок за брзите антиген тестови на Ковид-19, во првиот ден од масовното тестирање со кое властите се обидуваат да го забават ширењето на коронавирусот и да избегнат строг карантин, пренесува хрватски „Индекс“.

Министерот за одбрана Јарослав Над вчера изјави дека во саботата биле тестирани 2.58 милиони Словаци. Од нив пак, 25.850 лица или еден процент се позитивни на вирусот и мора да одат во карантин. Земјата во која живеат околу 5.5 милиони жители планира да тестира што е можно повеќе луѓе, освен деца под 10-годишна возраст.

За оваа цел беа мобилизирани повеќе од 40.000 здравствени работници, војници, полицајци, административни работиници и волонтери кои земаа брис на околу 5.000 локации.

Властите велат дека тестирањето било доброволно, но владата најави дека ќе воведе карантин за оние кои нема да се тестираат, вклучително и забрана за одење на работа.

Премиерот Игор Матовиќ рече дека се извинил што извршил притисок врз Словаците, но додаде дека барањето за тестирање било оправдано.

„Слободата мора да оди рака под рака со одговорноста кон оние кои се послаби, старите лица, пациентите со рак, лицата со други болести“, рече Матовиќ.

Бројот на луѓе заразени со коронавирусот во изминатите недели значително порасна и се стравува дека земјата може да се најде во слична ситуација со Чешка, која има највисока стапка на смртност во Европа во две недели.

На ваквиот проект се спротиставија некои експерти кои се сомневаат во смислата на оваа еднократна мерка. Некои предупредија на користењето антиген тестови кои се помалку прецизни од лабораториските ПЦР тестови кои може да покажат повеќе лажно негативни, како и лажно позитивни резултати.

Владата планира уште едно вакво тестирање следниот викенд, како би се опфатиле луѓето кои не се тестирале и оние кои во меѓувреме ќе се заразат.

Словачка вчера имаше 2.282 нови случаи на Ковид-19, откриени со ПЦР методот, така што бројот на вкупно дијагностицирани се искачи на 59.946 заразени. Вкупниот број заразени, не ги вклучува досега потврдените случаи од масовното тестирање.