Слободен си,изрази се! Јавниот простор – место за слободно изразување

Денеска, точно на пладне, на улицата Македонија во Скопје се отвори првиот ѕид за јавно изразување, на тема „Слобода е…“, на кој случајните минувачи ќе можат слободно да напишат што за нив претставува слобода. Ѕидот, како  дел од кампањата „Слободен си,изрази се!“, промовира поддршка и поттикнување на слободата на изразување и креативно користење на јавниот простор.

            Отворајќи го настанот, актерот Кирил Поп Христов истакна „Зошто кога сме слободни, сме посилни, подобри, поуспешни и посреќни?  Зошто некои луѓе и режими имаат потреба да ги заплашуваат граѓаните, да им го одземат правото на сопствен став и мислење , да ја умртват дебатата, да го затворат јавниот простор, да ја заглушат слободата на изразување? Зошто во Македонија граѓаните молчат? Зошто се плашат јасно, гласно и јавно да критикуваат и да кажат што мислат? Зошто наместо јавна дебата, во Македонија живее етикетирањето и дисквалификувањето? Зошто македонските граѓани не дишат со полни гради и не зборуваат слободно? Овие и уште многу други прашања, натераа неколку млади луѓе, овде, во центарот на Скопје,  на улица,  да  создадат за себе и за сите нас,  слободна зона за слободно изразување. Почитувани граѓани, гости, колеги и пријатели ,  за неколку минути ќе  го ослободиме првиот ѕид на кој сите вие без каква било задршка и страв ќе можете да  ги споделите своите мисли и чувства за слободата.“

            Слични инсталации, во текот на септември 2013, ќе бидат поставени и во Старата скопска чаршија, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, центарот на Тетово и на „Широк сокак“ во Битола.

Инсталацијата е инспирирана од младата американска уметница Кенди Ченг, авторка на проектот Before I Die, реплициран во голем број светски метрополи.

Настанот се организира во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум. Младите активисти, вклучени во проектот, преку есеи, мултимедијални содржини (видео, аудио, фотографија и графички дизајн) и кампањи ги промовираат основните демократски вредности во заедниците во кои што живеат.