Слободен Индекс: Студенти, не плаќајте за ИКСА!

Студентското движење „Слободен Индекс“ преку својот блог ги повика студентите да не ја плаќаат ставката за информатички, културни и спортски активности – ИКСА, која чини 750 денари.

Слободен Индекс: Студенти, не плаќајте за ИКСА!

„ИКСА и некаде помеѓу нив, вметнати до 20% за СПУКМ (принудна членарина!). Од овие активности, кои се теоретски наведени и за нив плаќаме 750 денари (!), во практика – нема ништо или има некој минимум, кој е далеку под потребното ниво. Воедно, тоа е и прва причина зошто не треба да плаќаме за ИКСА. Втората причина е што уште пред неколку години, после директна акција на Слободен индекс во салата „Борис Трајковски“ во 2010 година, а потоа и со претставка до Уставен Суд (која беше незначителна институционална мерка, споредено со директната акција и вниманието што го привлече) се потврди дека членарината за СПУКМ е на доброволна основа, за што сведочи и законот за здруженија и фондации, односно во точка пет, член 19 од законот“, велат од „Слободен Индекс“

Според нив, со тоа што уплатата за ИКСА е на задолжителна основа, се крши 19-тиот член од законот за здруженија и фондации.

„Ако се плаќаат 750 денари за ИКСА и од нив 20% одат на сметка за СПУКМ, тоа значи дека од 0 (за 0% од ИКСА) до 7.500.000 (7 милиони и 500 илјади денари, за 20% од ИКСА, добиени како (20/100) помножено со бројот на студенти на УКИМ односно 50000) се украдени од нас, секоја академска учебна година, што е криминал! И тоа се случува постојано, без никој да одговара! Тоа е рекет од СПУКМ! Што да направиме? Да не плаќаме ИКСА! Зошто би нè принудиле да платиме нешто за кое што не сме законски обврзани да го плаќаме? Плус, немаме никакви информатички, културни или пак спортски активности и е апсурдно да плаќаме за тоа!“, се вели во апелот на С.И. до студентите.