„Слободен индекс“ ги повикува студентите да пишуваат за своите проблеми

„Слободен индекс“ упати повик до сите студенти кои се сметаат за пријатели на здружението и сакаат да алармираат за состојбите на нивните факултети, да и пишат на студентската организација, за нивниот проблем полесно да стигне до пошироката јавност.

„Слободен индекс“ ги повикува студентите да пишуваат за своите проблеми

Еве го интегралниот текст од повикот на „Слободен индекс“ во кој се бараат студенти-дописници:

„Образовниот систем одамна колабира и веќе е клинички мртов. Состојбата е катастрофална. Слична е и состојбата по домовите, а сериозно загрижувачки се и притисоците што ги трпат студентите таму, недостигот на елементарни услови за живот, корумпираноста  и бизнисот со  леглата и слично.

Од тој аспект, секој во земјава би требало да биде запознаен со тоа што се случува со образовниот систем и студентските домови. Како движење, ние, активистите од Слободен Индекс не можеме баш секогаш да ги следиме сите тие случувања, едноставно – физички е невозможно. Ние не сме студентски парламент, ниту пак имаме предизборна програма со ветувања, а уште помалку заработуваме од вас – студентите. Ние постоиме за да поттикнеме студентска борба и да го артикулираме гневот на продуктивен начин, со цел да се избориме за автономни, слободни универзитети, бесплатно образование, пристоен студентски стандард и услови во студентските домови, односно во крајна линија – квалитетен и еманципаторен образовен систем кој нема да произведува евтина работна рака и автоматизирани мозоци, туку критички настроени студенти, двигатели на општествените процеси.

Затоа, ве повикуваме – тие што сметате дека немате доволно време активно да се вклучите во движењето и да присуствувате на неговите состаноци, а сакате да бидете пријатели на движењето – еден вид на волонтери, да станете дописници за Слободен Индекс. Свесни сме дека стравот е присутен, а исто и дехуманизацијата на општеството е сè поголема, паралелно со притисоците врз студентот, па еве, на овој начин секој од вас би можел да допринесе во борбата за образовниот систем – на својот факултет.

Што треба да направиш?
Едноставно,  биди студент. Ти знаеш што се случува на твојот факултет – следи ги тие настани и кога и да чувствуваш дека некое случување заслужува внимание од пошироката јавност, извести нè на нашиот email – sloboden.indeks@gmail и ние ќе го објавиме тоа, а се разбира  твојот идентитет, доколку ти имаш желба – ќе биде заштитен, односно ќе бидеш анонимен.

Еден свет, една борба! Образованието не е за продажба!“

Слободен Индекс