Изборите тукушто завршија, но тоа не значи дека политичарите веќе не се подготвуваат за следните. Македонските граѓани во последните две децении се во константна изборна кампања. За време на кампањата, пак, за локалните избори која што навидум заврши точно на полноќ на 31 октомври, македонските медиуми, повторно, по којзнае кој пат го полагаа „испитот на зрелоста“ и тоа под лупата на Европската комисија, ОБСЕ, домашните регулатори и граѓанските организации. На хартија, земјата повторно забележа „ограничен напредок“. Во пракса, медиумската сцена остана заробена меѓу зависноста од државните пари, нереформираната правна рамка и тивката самоцензура на новинарите како заштита од политичките и економските центри на моќ, пренесува агенцијата Мета.мк.
„Правната рамка што ги регулира медиумите сè уште не е усогласена со Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА)“, стои во извештајот на Европската комисија за 2025 година. Таму се додава дека парите за државно рекламирање за време на избори и понатаму се распределува нетранспарентно „со што се поткопува конкуренцијата и се одржува зависноста на медиумите од власта.“
Реформи на хартија, статус кво во практика
Иако Владата формално започна процес на усогласување на медиумското законодавство со европските стандарди, критиките за „парцијалност“ и „козметички пристап“ се постојани. Забелешките на Европската комисија звучат како ехо на одредени домашни анализи каде јасно беше наведено дека предложените и усвоени измени на Законот за медиуми не ги решаваат суштинските проблеми.
„Владата одлучи да го крпи стариот закон наместо да предложи нов сеопфатен закон, иако истиот беше подготвен со помош на експерти од ЕУ“, пишува во оценката за последните измени на Законот за медиумите кој Метаморфозис го објави во април 2025 година. Во него се укажуваше дека иако воведувањето на регистар на онлајн медиуми може да ја зголеми транспарентноста, законските пропусти во областите како што се уредничката независност, концентрацијата на сопственоста и заштитата од надзор создаваат ризик од понатамошна „мекa цензура“.
Уште тогаш се предупредуваше дека државното рекламирање и натаму се користи како средство за наградување „благонаклонети медиуми“ и казнување на критичките, што создава систем на тивка зависност. Токму оваа „финансиска лојалност“, како што ја нарекуваат дел од медиумските експерти, станува најсилното оружје на власта за контрола на медиумскиот пејзаж.
На тоа се надоврзуваат и реалностите од изборниот циклус, кој, наместо да ги активира демократските механизми, често ги разголува најслабите точки во системот. Според извештајот во сенка за слободата на медиумите во Северна Македонија, над 10 милиони евра државни средства биле потрошени за платено политичко рекламирање за време на изборите во 2024 година, што поттикнало експлозија на нови онлајн медиуми создадени токму за да влезат во тој финансиски круг. Оваа година сумата не е толку висока бидејќи не стануваше збор за двојни избори, но сепак, според првичните информации станува збор за значителна сума од околу 6,5 милиони евра. Бројот на онлајн медиуми кои се пријавија за државни пари оваа година, е 257, односно 8 повеќе од пријавените 249 на минатогодишните избори, кога беше констатирано дека голем број од нив не се ни функционални, односно беа формирани наменски само за да земат дел од колачот. Од друга страна, до летово во нововостановениот Регистар на АВМУ, официјално беа регистрирани само триесетина онлајн медиуми или портали.
„Политичките партии користат државни средства за сопствени кампањи, додека медиумите стануваат зависни од политичките центри на моќ. Тоа директно влијае врз уредувачката политика“, стои во извештајот во сенка.
Најголем дел од овие пари завршиле кај националните телевизии и портали онлајн медиуми поврзани со големите партии. Извештајот нотира дека големите медиумски куќи активно лобираат за зачувување на системот, бидејќи преку него обезбедуваат значаен дел од годишните приходи. Во таква поставеност, „новинарството од јавен интерес станува луксуз, а политичкото рекламирање – примарен извор на опстанок“.
Ќе му дојде ли крајот на монополот на „големата четворка“
Извештајот, пак, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за локалните избори 2025 дополнително ја потврдува концентрацијата на политичкиот капитал во медиумите. Од вкупно 562 часа емитувано платено политичко рекламирање, дури 88 проценти се поделени меѓу четирите најголеми партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН.
Малите партии и независните кандидати биле речиси невидливи во етерот, а некои парламентарни партии, како Левица и Движењето ЗНАМ, воопшто не можеле да закупат простор поради ограничувањата во Изборниот законик. „Тоа значи дека државата им плаќа на најголемите да зборуваат најгласно“, коментираат медиумските здруженија. Особено ако се земе предвид дека ВМРО-ДПМНЕ најде начин да ја финансира медиумската кампања на ЗНАМ иако е дискутабилно колку тоа помогна во нивниот изборен резултат имајќи предвид дека едвај освоија само едно градоначалничко место, и тоа на нивниот лидер во Куманово. Но, неспорно дека ваквиот потег му беше од помош на „големиот брат“ во власта. Левица, од трета страна, на законски начин беше „казнета“ и не доби ниту денар од власта за политичко рекламирање во медиумите. И овде, е дискутабилно колку тоа влијаеше на резултатот имајќи предвид дека партиите, меѓу кои Левица најмногу, истурија цел куп нерегулирани средства во кампањата на социјалните мрежи. Политичкото рекламирање на овие плартформи, пак останува правна загатка, затоа што ниту една државна институција или агенција не го надгледува, уште помалку – регулира.
ОБСЕ/ОДИХР во својот прелиминарен извештај по изборите забележува дека „несоодветната формула за распределба на средствата за платено политичко рекламирање ги стави независните кандидати во нерамноправна положба“, а државното финансирање „ја замати границата меѓу државата и партијата“. Според нив, оваа практика не само што ја искривува медиумската покриеност, туку и ја нарушува јавната доверба во изборниот процес.
Проблемот, велат експертите, не е само во парите, туку и во законот што не ги предвидува механизмите за спречување на злоупотреби. Меѓу другото што го пропушаат, измените во Законот воопшто не воведуваат гаранции за уредничка независност ниту заштита од притисоци.
„Законот нема експлицитни механизми за заштита на новинарите од арбитрарно мешање од страна на сопствениците или менаџерите, ниту пак обезбедува правни гаранции за безбедност на работата“, се наведува во документот.
Европската комисија исто така нотира дека СЛАПП тужбите (тужби со цел замолчување на критички гласови) остануваат сериозен проблем, а судството нема свест за нивната штетност. Од друга страна, владата нема воведено ни еден механизам за нивно превенирање.
Како еден од пример за присутните СЛАПП тужби, чија цел најчесто не е да бараат правда, туку да ги сопрат или обесхрабрат новинарите во истрагите за корупција е тужбата против ИРЛ од страна на бизнисмен, поранешен вицепремиер за наградена истражувачка сторија. ЕУ има сосема нова директива за ваквите случаи, која воопшто не е присутна во локалната правна рамка.
„Мека цензура“ како нова нормалност
Комисијата понатаму посочува оти финансиската независност на медиумскиот регулатор ААВМУ е подобрена, но начинот на избор на членовите на Советот на АВМУ предизвика сомнежи во транспарентноста и непристрасноста. Недостасуваат јасни правила за концентрација на медиумската сопственост, што создава ризик за плурализмот.
„Пазарот на рекламирање и понатаму е предмет на манипулации, државното рекламирање се распределува без доволна транспарентност, со што се поткопува конкуренцијата и се одржува зависноста на медиумите од власта. Новинарките, пак, често се цел на онлајн вознемирување и родово мотивирано насилство, а институциите немаат системски пристап кон заштита и поддршка на жртвите. Иако во 2025 година беа усвоени измени на Законот за медиуми и воведен регистар на онлајн медиуми, овие чекори сè уште не носат вистинска транспарентност,“ стои во извештајот на ЕК.
Речиси идентични предупредувања дојдоа и во Извештајот во сенка за слободата на медиумите во Северна Македонија изработен од Фондацијата „Метаморфозис“ и Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa, финансирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка каде меѓу другото, се препорачува да се зајакне позицијата на регулаторот АВМУ како независно тело, и да се поништи одлуката за назначување членови на Советот, но и да се отфрлат измените со кои се ограничи моќта на регулаторот при обновувањето на лиценците на телевизиите.
Најопасната форма на притисок, според повеќе извештаи, не е директната забрана, туку финансиската и институционалната тишина. Редакции кои не се „во линија“ со доминантните политички струи остануваат без огласи, без државни кампањи, без пристап до информации и без одговори на нивните прашања. Таа „мека цензура“, како што ја нарекува Метаморфозис, создава атмосфера на автоцензура и постепено ги потиснува критичките гласови надвор од мејнстримот.
Дури и измените што предвидуваат транспарентност во сопственоста на медиумите не се доволни. „Недостасува механизам за верификација и санкционирање на прекршувања“, стои во позициониот документ. Со тоа, јавноста и натаму не може со сигурност да знае кој стои зад дел од медиумските брендови што секојдневно ја обликуваат јавната перцепција.
Од Брисел преку Рим и Скопје до Виена, сите релевантни анализи испраќаат слична порака: медиумската слобода во Северна Македонија не пропаѓа преку ноќ, туку се губи постепено, преку ситни компромиси, нетранспарентни финансии и институционална рамнодушност.
Во својот извештај објавен завчера, Европската комисија повторно ги повторува истите препораки од минатата година: усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА), подобрување на независноста на јавниот сервис и засилена борба против дезинформации. Во претстојната година, земјата треба да продолжи да ја ревидира законската рамка особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавните средства за државно рекламирање, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да ја спроведе стратегијата за реформа на Јавниот радиодифузен сервис, да продолжи брзо да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.
Но, како што стои во извештајот на Метаморфозис, „реформите се повеќе декларативни отколку обврзувачки“. Без конкретни рокови и политичка волја, секој следен извештај ќе ја повторува истата реченица: „Македонија постигна ограничен напредок.“
Ако се земат предвид и предизвиците чии ефекти допрва следат – како улогата на вештачката интелигенција и социјалните мрежи на теренот каде медиумите беа суверени, се чини дека предизвиците ќе растат. Така, реформите на медиумската правна рамка, овде, со ова темпо, се повеќе ќе се оддалечуваат од целта, со што „ограничениот напредок“, во суштина ќе стане „назадување“.
Овој напис е изработен во рамки проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.



