„Слики-скулптури-графики“, изложба на Здружението на ликовни уметници на Србија

Изложбата „Слики-скулптури-графики“ на Здружението на ликовни уметници на Србија утре ќе биде отворена во галерискиот простор на НЛБ Тутунска Банка. Изложбата ќе се отвори во 20:30 часот и се организира во рамки на Скопско културно лето.

На изложбата на слики, скулптури и графики во организација на Здружението на ликовни уметници на Србија во соработка со Здружението на ликовни уметници на Македонија, ќе бидат изложени 55 дела. Здружението на ликовни уметници на Србија (УЛУС) една е од најстарите организации на Балканот, основана во 1919 година. Брои повеќе од две илјади членови, креатори на различни генерации.

„Белег на оваа изложба е пред се аспирациите на двете здруженија и нивните членови на субјективни креативни сили да се поттикне и промовира меѓународна соработка, квалитетот и разновидноста, со размена и собирање на искуства, негување на независен сензибилитет. Софистицираното и поетско чувство на уметникот, љубов и сензуалност, енергија и инстинктивно чувство за естетика ни даваат претстава за состојбата на духот и обичаите на времето во кое тие создаваат. Специфично и интересно на овој пионерски потфат е богатството на идејни, тематски и изразни љубопитства, од една страна на современи и иновативни, а од друга страна традиционални, но секако карактеристични во своите автентични авторски личности“, вели Јелена Манолчев, кустос и историчар на уметност.