Слепите лица бараат подобра инфраструктура, аудио книги и недискриминација

Со марш од плоштадот Македонија до Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, изложба на предмети изработени од слепите лица и лицата со оштетен вид и крводарителска акција денеска во Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на белиот стап.

Движењето и вработувањето - најголем проблем за слепите лица

Лицата со оштетен вид и слепи лица побараа поголема достапност на пишаниот збор преку снимање аудио книги, запирање на сите облици на дискриминација кон слепите во сите општествени сфери на животот, соодветен пристап до образование и вработување.

– Белиот стап е едно од најважните помагала што ги користат слепите лица за движење и ориентација во просторот. Затоа е тоа симболот на слепите лица. Не е само 15 октомври наш ден. Нас не има секој ден, насекаде, по улица, на плоштад, во театар, градови, села. Затоа сакам да апелирам јавно, да се продолжи со грижата за оваа категорија граѓани, рече  во своето обраќање Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи лица, организација каде членуваат повеќе од 2.500 слепи лица и која функционира веќе 68 години.

Слепите лица бараат прилагодување на инфраструктурата за полесно движење и приспособување на јавниот превоз за нив со звучна најава на бројот на автобусот при пристигање на станица. Селковски апелираше до сите учесници во сообраќајот да имаат почит и трпение кон слепите и да им помогнат при поминувањето на семафор и качување во автобус.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден, освен дефилето од плоштадот Македонија до Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“,   слепите лица дарува крв на крводарителска акција насловена „Слепите за заедницата“. Во Домот „Даре Џамбаз“ е отворена изложба на тифло-технички помагала, ракотворби на слепите жени изработени на Семинарот за жени „Актив на слепата жена и нејзините ракотворби” одржан во Струга во јуни годинава. На креативната работилница, како и на сите активности учество земаат и децата од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” од Скопје.

За утре пак, 15 октомври е најавено отворање на Државното првенство во ГОЛ-БАЛ за слепи и слабовидни на Македонија за 2014 година во новата спортска сала во Крива Паланка кое ќе трае во следните 4 дена.