„Следи ги парите“ – проект за поголема контрола врз локалната власт

„Следи ги парите“ - проект за поголема контрола врз локалната власт

Колку пари трошат општините за плати и надоместоци, колку за инвестиции, а колку за поправки и за други расходи од сега македонските граѓани можат да проверат преку онлајн-сервисот „Следи ги парите“, проект на невладината организација „Метаморфозис“. Елена Игнатова, координатор на овој проект вели дека оваа алатка овозможува граѓаните да имаат детален увид како се трошат парите во нивните општини што во иднина ќе придонесе за поквалитетно планирање на буџетските приходи и расходи во локалната самоуправа.

Порталот emagazin.mk направи интервју со Игнатова, во кое се зборува за овој проект:

Од неодамна македонските граѓани можат да имаат детален увид во приходите и расходите на локалната самоуправа во Македонија. Можете ли да ни откриете за каков проект се работи?

„Сервисот „Следи ги парите“ има за цел да ја доближи фискалната политика на локалните самоуправи во Македонија до граѓаните, преку едноставно и транспарентно прикажување на приходите и расходите на општините. Информациите кои ги содржи сервисот ќе им овозможат на граѓаните да го следат трошењето на парите во нивните општини, со цел да се поттикне нивното вклучување во донесувањето фискални политики на локално ниво и да се придонесе во поквалитетната распределба на средствата“.

Дали порталот нуди информации за сите општини?

Засега сервисот содржи податоци за 15 општини за временски период од 2008 година досега. Податоците се визуелно претставени и разложени на начин со кој се овозможува рангирање и споредба помеѓу локалните единици. Во наредниот период ќе бидат вклучени и други општини, преку иницирање соработки со самите општини и други граѓански организации.

За што во просек се трошат најмногу општински пари?

Трошењето на средствата зависи од општината и од годината, но помеѓу трошоците кои секогаш се појавуваат и заземаат значаен процент од буџетот на општините, освен плати и надоместоци, се трошоците за градежни објекти и поправки и тековно одржување.

Какви разлики има во трошењето на парите кај поединечни општини?

Разликите може да се увидат не само помеѓу општините, но и во опфатените години. Затоа сервисот нуди можност за споредба на општините и како тие ги распределувале средствата секоја година. Секој корисник има можност да избере до три општини и сервисот ќе му прикаже визуелна споредба за избраниот трошок/приход, која ги опфаќа сите години.

Целото интервју можете да го прочитате на emagazin.mk.