[Став]Славој Жижек: Норвешка не постои

Приливот на бегалци од Афирка и Блискиот исток во западна Европа предизвика реакции слични на оние на луѓето на кои им е соопштено дека боледуваат од неизлечива болест, која Elisabeth Kübler-Ross ја опиша во класичната студија „За смртта и умирањето“.

Првата реакција е одрекувањето: „Не може да биде толку страшно, најдобро е да не обраќам внимание“ (изгледа дека низ таа фаза веќе поминавме). Потоа доаѓа бесот кој експлодира кога одрекувањето веќе не е доволно – „Зошто тоа ми се случува баш на мене?“; „Бегалците се закана за нашиот начин на живот, меѓу нив се кријат исламски фундаменталисти, зошто да не им направиме бегалски кампови во земјите од кои потекнуваат?“. Потоа доаѓа депресијата: „Сé е изгубено, Европа ќе се претвори во калифат!“. Уште не сме ја виделе петтата фаза – прифаќањето, што во овој случај  би подразбирало изработка на паневропски план за решавање на бегалската криза.

Што да се прави? Јавното мислење е длабоко поделено. Либералната левица е згрозена над фактот дека Европа дозволува илјада бегалци да завршат удавени во Средоземното Море. Европа, сметаат тие, треба да покаже солидарност и ширум да ги отвори вратите. Антиимигрантските популисти велат дека мораме да го заштитиме нашиот начин на живот: странците треба сами да ги решаваат своите проблеми. И двете решенија се лоши. Прашањето е: Кое е полошо?

Да го парафразирам Сталин, и двете се најлоши. Најголемите лицемери повикуваат на отворање на границите, знаејќи дека тоа нема да се случи, бидејќи веднаш потоа би следувал бран на популистички револт ширум Европа. Сепак, тие продолжуваат да глумат добри души, супериорни во однос на расипаниот свет во кој живејат и на кој се согласуваат. Антиимигрантските популисти, од друга страна, знаат дека народите на Африка и Блискиот исток не можат сами да го решат проблемот со трансформацијата на своите општества. Зошто не можат? Затоа што ние од западна Европа тоа не го дозволуваме. Европската интервенција во Либија произведе хаос во земјата. Инвазијата на САД на Ирак го овозможи успонот на Исламска држава. Војната во Централноафриканската Република меѓу христијанскиот југ и муслиманскиот север не предизвика етничка нетрпеливост, туку откритие на нафта на северот на земјата: Франција и Кина се борат за контрола над ресурсите преку локални застапници. Глобалниот глад за минерали, меѓу кои се колтанот, кобалтот, дијамантите и бакарот, создаде „господари на војната“ во Демократската Република Конго кон крајот на 20-тиот и почетокот на 21-виот век.

Ако навистина сакаме да ја спречиме реката на бегалци, прво треба да воочиме дека повеќето од нив доаѓаат од пропаднатите земји во кои практично и нема држава: Сирија, Ирак, Либија, Сомалија, Конго итн. Распадот на државите не е специфично локална појава, туку е предизвикан со делување на меѓународните политички актери  и глобалниот економски систем. Во некои случаи, како Либија и Ирак, распадот е директна последица на западната интервенција. (Треба да се има на ум дека пропаднатите држави од Блискиот исток биле предодредени за пропаст и поизволно повлечени граници кои за време на Првата светска војна ги договориле Британија и Франција).

Некој веќе забележа дека најбогатите земји на Блискиот исток (Саудиска Арабија, Кувајт, емиратите, Катар) се значително помалку отворени за бегалците од некои други, помалку богати земји (Турција, Египет, Иран). Саудиска Арабија дури и ги враќаше „муслиманските“ бегалци во Сомалија. Дали е причината тоа што Саудиска Арабија е фундаменталистичка теократија? Да. Сепак, поради зависноста од извозот на нафта Саудиска Арабија е исто така важен економски партнер на Западот. Меѓународната заедница треба да изврши притисок на Саудиска Арабија (и на Кувајт и Катар и Обединетите Емирати) да прифати поголем број на бегалци.

Една од препознатливите одлики на богатите земји од Блискиот исток се новите облици на ропство: милиони странски работници на Арабискиот полуостров се лишени од основните граѓански права и слободи. Милиони работници во Азија живеат во фабрики кои се некој вид на концентрациони логори. Но, има и поблиски примери. Фабриката за облека во кинеска сопственост во местото Прато, во близина на Фиренца изгоре на 1 декември 2013 година. Седум работници настрадаа во импровизирани спални соби од картонски табли. „Никој не е изненаден“, изјавил Роберто Пистонина, локален синдикален лидер, „бидејќи сите веќе со години знаат што се случува во регионот меѓу Фиренца и Прато – илјада луѓе живеат во робовски услови“. Во Прато постојат повеќе од 4 илјади компании во кинеска сопственост, а се верува и дека во градот живеат илјада илегални кинески имигранти кои работат и по шестнаесет часа дневно за мрежа на работилници и велекомпании.

Новото ропство не е ограничено на предградијата на Шангај, Дубаи или Катар. Го има и во Европа, но не го гледаме или се правиме дека не го гледаме. Робовската работа е структурна нужност на современиот глобален капитализам. Многу од бегалците кои сега влегуваат во Европа ќе се придружат кон таа загрозена работна сила, често на штета на локалните  работници кои на заканата ќе реагираат со нов бран на антиимигрантски популизам.

Поминувајќи на пат од земјите разорани од војната, бегалците со себе носат и соништа. Тие кои пристигнуваат на југот на Италија не сакаат таму да останат: многу од нив ќе се обидат да стигнат  во Скандинавија. Илјада бегалци во Кале не се задоволни со Франција како финална дестинација: подготвени се да го ризикуваат животот за да влезат во Британија. Десетина илјади бегалци во балканските земји очајнички се обидуваат да стигнат до Германија. Своите соништа ги гледаат како безусловно право и бараат од европските власти да им обезбедат не само храна и здравствена заштита, туку и транспорт до посакуваните земји. Во тие барања има нешто мистериозно и утописко: како Европа да е должна да ги остварува нивните соништа – соништа кои се вон дофатот и на повеќето Европјани (веројатно многу жители на средна и источна Европа исто така порадо би живееле и работеле во Норвешка). Изгледа дека токму кога се наоѓаме во најдлабоката беда, кога сме најмногу загрозени и изложени на опасности – тогаш кога би се очекувало дека ќе бидеме подготвени да се задоволиме со основните минимум безбедност и благосостојба – изгледа дека токму тогаш нашиот утопизам е најсилен.  Но, тешката вистина со која бегалците мораат да се соочат е тоа дека Норвешка не постои – дури ни во Норвешка.

Истапите на домашното население кои зборуваат за заштита на „нашиот начин на живот“ не се сами по себе расистички или профашистички: таквото толкување треба да се отфрли. Ако тоа не го направиме,  ќе им отвориме пат на антиимигрантските пориви кои неодамна се манифестираа во Шведска, каде според истражувањата на јавното мислење, антиимигрантската Демократска партија ги симна социјалдемократите од местото на најпопуларна партија во земјата. Вообичаениот став на либералната левица во тој поглед е став на арогантен морализам: во оној момент кога ѝ даваме кредибилитет на идејата за „заштита на нашиот начин на живот“, сме ја компромитирале нашата позиција, бидејќи така прифаќаме донекаде ублажена верзија на тоа што антиимигрантските популисти отворено го застапуваат. Тоа приближно одговара на внимателниот пристап кој во последните години го освоија партиите од центарот. Тие го отфрлаат отворениот расизам на популистите, но во исто време и велат дека „ја разбираат загриженоста“ на граѓаните, па се определуваат за „порационална“ антиимиграциона политика.

Бегалците се цената која ја плаќаме за глобализираната економија во која слободата на движење е дадена на стоката, а не и на луѓето. Идејата за паднати граници кои ги преплавуваат странците е иманентна за глобалниот капитализам. Миграцијата во Европа не е ништо ново и единствено. Во Јужна Африка, повеќе од милион бегалци од соседните земји во април се најдоа на удар на локалното сиромашно население кое ги обвинува дека им ги украле работните места. Ќе има уште слични приказни, предизвикани не само од вооружените конфликти, туку и од економските кризи, природните катастрофи, климатските промени и така натаму. Додека траеше нуклеарната катастрофа во Фукушима, јапонските власти ја разгледуваа можноста за евакуација на поширокото подрачје на Токио – повеќе од 20 милиони луѓе. Да се случеше тоа, каде ќе одеа тие луѓе? Дали би им дале ново парче земја во Јапонија да започнат сé од почеток? Дали би ги распоредиле ширум светот? Што ако климатските промени го направат северен Сибир погоден за живот и земјоделство, а поголемите делови на субсахарска Африка во пустина? Како ќе се организира редистрибуцијата на луѓе? Кога слични настани се случувале во минатото, социјалните промени биле непредвидливи и спонтани, следени со насилство и разорување.

Човечкиот вид мора да се подготви за „попластичен“ номадски живот. Една работа е извесна: националниот суверенитет мора радикално да се редефинира, со развој на новите методи на глобална соработка и донесување одлука. Прво, во овој момент, Европа мора да ја потврди решеноста да обезбеди достоинствен третман за бегалците. Тука не смее да има компромиси, бидејќи големите миграции се наша иднина, а единствена алтернатива е новиот варваризам (тоа што некои го опишуваат како „судир на цивилизации“).

Второ, нужен исход на таквото определување е наметнување на јасни правила и прописи на ниво на Европа. Управувањето со реката бегалци треба да се организира преку административна мрежа која ќе ги вклучи сите членки на Европската унија (за да се спречат варварските испади како оние кои ги направија властите во Унгарија и Словачка). На бегалците мора да им се гарантира безбедност, но исто така и мора да им се даде до знаење дека се должни да ги прифатат дестинациите кои европските власти им ги доделуваат: дека ќе мора да ги почитуваат законите и општествените норми на европските држави; дека нема да се толерира верско, сексистичко или етничко насилство; дека никој нема право на другите да им ја наметнува сопствената вера или начинот на живот; дека мора да се почитува правото на секој поединец да отстапи  од правилата на заедницата. Ако жената одлучи да го покрие лицето, нејзината одлука мора да се почитува; ако сака да излезе на улица со откриено лице, мора да ѝ се гарантира слобода тоа и да го направи. Таквите правила го привилегираат западноевропскиот начин на живот, но тоа е цената која мора да се плати за европското гостопримство. Правилата треба јасно да се формулираат и доследно да се применуваат, ако е потребно и со примена на мерки на репресија – и против странските фундаменталисти и против домашните расисти.

Трето, ќе мораме да пронајдеме нов начин на меѓународно воено и економско интервенирање  – начин кој ќе ги избегне неоколонијалните замки од не толку далечното минато. Примерите на Ирак, Сирија и Либија покажуваат како погрешниот вид на чинење (во Ирак и Либија) и нечинење (во Сирија, каде под привидот на нечинење се наметнуваат странските сили како Русија и Саудиска Арабија) завршуваат во истиот ќор-сокак.

Четврто, најважно и најтешко од сé, потребни ни се радикални економски потреби кои ќе ги укинат условите кои ги произведуваат бегалците. Ако изостане промената на начинот на функционирање на глобалниот капитализам, на неевропските бегалци наскоро ќе им се придружат реки луѓе од Грција и другите земји членки на унијата. Кога бев млад, таквите обиди за регулација ги нарекувавме комунизам. Можеби комунизмот треба повторно да се измисли. Можеби, на долг рок, тоа е единственото можно решение.

 

Пишува: Славој Жижек

Извор: London Review of Books 9.09.2015/ Peščanik.net