Славниот актер Бруно Ганц доаѓа на „Манаки“

Швајцарскиот актер Бруно Ганц, познат по улогата на Адолф Хитлер во филмот „Падот“ („Der Untergang“) како и по улогите во „Читачот“ („The Reader“) и „Комплексот Бадер Мајнхоф“ („The Baader Meinhof Complex“), ќе биде специјален гостин на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 18 до 27 септември во Битола, под мотото „Филмот е убав“. Ганц ќе добие награда „Златна камера 300“ за особен придонес кон светската филмска уметност.

Наградата за животно дело „Златна камера 300“ годинава оди кај Јаромир Шофр од Чешка и Полјакот Ришард Ленчевски, како и кај српскиот режисер Божидар-Бота Николиќ, кој добива признание за особен придонес во балканската филмска уметност. Специјална награда за особен придонес кон светската филмска уметност добива рускиот актер Алексеј Серебрјаков, кој ја толкуваше главната улога во филмот „Левијатан“, номиниран за „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје годинава.

„Браќа Манаки“ и годинава ќе донесе богат избор на филмови, краткометражни и документарни остварувања, како и работилници со познати имиња од филмскиот свет.

Во десетте дена на претстојниот 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе бидат прикажани 215 филмови. На 18 септември фестивалот ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.

Половина од 215-те филмовите кои ќе бидат прикажани во Битола од 18-ти до 27 септември се во различни категории, од кои три се натпреварувачки (Официјална, Нов европски филм и SEE Камера). Останатите 111 се студентски филмови.

Во официјалната програма се 13 филмови кои ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена): „Сикарио“, „600 милји“, „Убиец“, „Црни души“, „Макбет“, „Синот на Саул“, „Викторија“, „Тимбукту“, „Нашата мала сестра“, „Нахид“, „Белите ноќи на поштарот“, „Мојата мајка“ и „Земја и сенка“.

Покрај поголемото времетраење на „Браќа Манаки“, оваа година фестивалот донесува и две нови натпреварувачки програми: Нов европски филм – посветена на први или втори играни филмови на режисери од Европа (десет филма селектирани од Дејан Трајкоски) и програмата SEE Камера (осум филма селектирани од Саша Станишиќ). Во двете програми ќе се доделуваат по две награди (за филм и за кинематографер) награда „Бона деа“ за европските филмови и „Златен Манаки“ за филмовите од Југоисточна Европа.

Тука се и Документарната програма (селектор Гена Теодосиевска) и Кратки филмови (селектор Јованка Попова), како и детската програма „Големо платно – голема разлика“ .

Погледнете ја комплетната програма на фестивалот.