Славни личности повикаа на бојкот на хотели на султанот од Брунеј откако земјата воведе смртна казна за геј лица

Брунеј воведе нови строги исламски закони со кои сексуалните односи меѓу геј лицата се казнуваат со смртна казна преку каменување.

Преку новите законски промени, кои стапуваат на сила денеска, исто така кражбите ќе се казнуваат со ампутација.

„Сакам да видам засилени практики од исламот во земјава“, рекол султанот Хасанал Болкиа, владетелот на југоисточната азиска држава во јавно обраќање.

ЛГБТ заедницата во Брунеј е уплашена и шокирана од, како што ги нарекуваат, „средновековните казни“.

„Се будите и разбирате дека вашите соседи, вашето семејство, или пак онаа добра старица која продава колачиња покрај патот не ве смета за човек, или дека им е во ред каменувањето“, рекол за Би-Би-Си геј маж од Брунеј, кој сакал да остане анонимен.

Според новите закони смртната казна ќе биде изрекувана за прекршоци како силување, прељуба, содомија, кражба и навреда или клевета кон пророкот Мухамед.

Лезбијскиот секс во меѓувреме ќе се казнува со поинаква казна – 40 удари со стап или максимална казна од 10 години затвор. Јавното казнување со удари со стап ќе биде применувано и поради абортус. Додека за крадење казната ќе биде ампутација.

Останатите промени вклучуваат и кривично дело за „убедување, разговарање или охрабрување“ на муслимански деца под 18 години да „прифатат религија различна од исламот“.

Потегот предизвика осуда од меѓународната јавност.

Брунеи, држава која се наоѓа на остворот Борнео, е под власт на султанот Хасанал кој е еден од најбогатите луѓе во светот поради извозот на големи количини нафта и природен гас. 72-годишниот султан ја предводи Инвестициската агенција на Брунеи, која е сопственик на голем број луксузни хотели на атрактивни светски локации. Како хотелот Дорчестер во Лондон или Беверли Хилс во Лос Анџелес.

Претходниве денови холивудскиот актер Џорџ Клуни, како и телевизиската презентерка Елен Деџенерис повикаа на бојкот на хотелите во сопственост на султанот.

Истовремено и студентите на Колеџот за ориентални и африкански студии од Лондонскиот Универзитет побараа управата да го промени името на една од зградите на кампусот која се нарекува Брунеј Галерија.