Скутер на сончева енергија е идејата победник на Кампот за иновации за средношколци во Делчево

Тимот „Vibe – Rent-a-Scooter“, во состав Ана Марија Митева, Петар Танески, Горjана Мицевска, Анастасија Андова и Теодора Домазетовиќ, од 5 средни училишта од Скопје, Кочани, Куманово, Крива Паланка и Штип, го освои првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во претприемачки вештини, кој се одржа вчера во Делчево во организација на Џуниор Ачивмент Македонија во соработка со општината.

Понуденото решение е производ и услуга за изнајмување на скутер кој работи и на сончева енергија, а кој ќе е решение на сообраќајниот метеж. Дополнително треба да придонесе и за решавање на проблемите со загадувањето на воздухот, а како еколошки производ придонесува за зачувување на животната средина.

На натпреварот учествувале 100 ученици од 21 среднo училиштe од територијата на целата држава поделени во 20 тима од по 5 ученици, каде со помош на 12 ментори работеа интензивно на поставениот предизвик.

Средношколците можеа да вежбат техники кои се применливи во решавање на проблеми и носење брзи одлуки, да стекнат корисни вештини за тимска работа и да ја победат тремата од презентација, како и да се забавуваат и дружат надвор од својата училница.