СКУП: Охридското езеро пред уништување, институциите мислат само на профит

Студенчишкото блато во Охрид е десеткувано. Плановите на општината да дозволи градба на елитна населба ја загрижуваат Александра Бујаровска од невладината организација „Фронт 21/42“ како правна експертка чиј фокус е животната средина

„Со згради и цела пропратна инфраструктура која што е потребна да се направи едно такво домување. Овој предлог е во спротивност и со самата одлука на општина Охрид од 2012 година и со просторниот план на Република Македонија“, вели таа во новата сторија на Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“.

Во видео-сторијата е вклучен и Здравко Крстановски, поранешен директор на Хидробиолошки Завод од Охрид, кој вели дека ендемичната, реликтната Охридска пастрмка е на истребување, односно нејзината популација е сведена на минимум.

Во 1987 година од мрестот на пастрмката се извадени 19,4 милиони парчиња икра. За 25 години, односно 2012 година, количеството на икра е за 10 пати помало или од езерото се извадени само 1,7 милиони икри.