[SCOOP] И децата играат избори!

Децата се запознаваат со изборите преку игри слични на „Не лути се човече“, но и преку учебниците каде учат како се гласа, како се избираат советници во општините и тоа уште на деветгодишна возраст, објави Центарот за истражувачко новинарство SCOOP – Македонија.

[СКУП] И децата играат избори!

Претседателски избори. Наслов со големи букви напишан на кутија која наликува навидум на онаа добро познатата „Не лути се човече“, само оваа е со друга содржина. И со друга слика. На предната страна стојат фигури со рацете кренати нагоре што асоцира на победа, а во заднината се гледа државното знаме. На задната страна пишува: за оние од 7-97 години.

Што значи наменета е и за деца! Но, ова не е ништо ново. Децата се запознаваат со изборите и нивното значење и во училиште преку учебниците за кои се тврди дека се усогласени со возраста на децата. Иако, универзитетските професори и експертите не мислат така. Напротив, тие предупредуваат дека треба да се внимава со пренесување на содржини кај децата посебно на помала возраст на кои само треба да им се пренесе елементарното познавање за демократијата, а не да се форсираат со други содржини. Или пак, да се носат на предизборни митинзи, што според нив, не претставува ништо друго освен нивна злоупотреба.

„Секој граѓанин што наполнил 18 години има право на глас“ пишува под сликата во учебник „Општество“ за четврто одделение, на која е претставена гласачка кутија и рака како пушта гласачко ливче во неа. Во четврто одделение децата се на девет или десетгодишна возраст, а учат, за избори, за нивното значење, за тоа како функционира месна заедница и што е претставничка демократија. На пример, во учебникот се кажува дека „Преку референдум (гласање) граѓаните одлучуваат за прашања кои се однесуваат на нивната населба“. На страница 69 во истиот учебник учениците учат за органи на општините, каде, меѓу другото, се кажува дека изборите за Советот на општината се одржуваат секои четири години, како и градоначалникот за кој се вели дека „се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање“.

На следната страница им се сугерира на учениците да ја посетат Месната заедница. Како вежба стојат следните прашања:

-„Која година беа последните избори во твојата општина?“
-„Колку членови брои Советот на твојата општина?“
-„Дали некој незадоволен граѓанин може да поднесе тужба против општината?“.

Во учебникот децата учат и за демократија. Но не само тоа, туку и што е непосредна, а што претставничка демократија.
За тоа дали е потребно децата уште од девет или десетгодишна возраст да се учат на избори, како и за нивните можни злоупотреби во однос на политиката разговаравме со одговорните во Првата Детска амбасада во светот „Меѓаши“.

„Се наметнува прашањето: Дали на децата им е доволно јасно што всушност претставуваат избори? Ако децата детално би можеле да одговорат на ова прашање би можело да се претпостави дека тие се често се изложени на дискусиии со политичко-партиска содржина во рамките на нивното семејство или пак во својата околина“, вели Драги Змијанац, директорот и основач на „Меѓаши“.

Тој вели дека децата би требало да бидат информирани за тоа како функционира општеството, но на соодветен начин прилагоден на возраста на децата. Иако додава: „Се сомневамe дека некое дете би можело да одговори на прашањето: Колку советници има во неговата општина?, вели тој. Змијанац додава дека децата сепак треба да се информирани за тоа што се случува во општината и за тоа претходно да се консултираат доколку се носат одлуки за нив.

Од „Меѓаши“ велат дека последниве години децата се користеле како средства во рацете на одредени политички партии. Како примери ги набројуваат присуството на децата на митинзи, потоа во изборните штабови, во рекламните спотови, или пак во случаи кога лепеле плакати или делење летоци со политичка содржина и друг пропаганден материјал.

„Децата не можеме физички да ги остраниме да не слушаат вести, но има една линија, црвена линија, граница нешто под кое не треба да се оди. Тие слушаат. Како поимаат тоа е друго прашање, но кога ќе се стават во таква функција, тогаш се работи за злоупотреба“, вели Илија Ацевски, професор по урбана социологија.

Тој ги илустрира примерите на деца кои се носат на митинзи или се злоупотребуваат за лепење плакати. Ацевски нагласува дека преку учебниците децата прерано се учат на основите на демократијата бидејќи според него најпогодна возраст за учење на политичките поими е дури после 12-тата година. „Децата на десетгодишна возраст не перцепираат влада, туку зграда. Претпоставете дека слушаат пренос на седниците во Парламент каде пратениците се нарекуваат се и сешто. Кога го слуша дете од 10-тина години не сфаќа кои се овие луѓе.

Не е тоа време кога се формира мислењето, тие се жртви на возрасните кои однапред им го формираат мислењето. Но, да ги злоупотребите на таков начин е недозволиво“, нагласува Ацевски.

И професорката по методика на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, Билјана Камчевска смета дека содржините кои се нудат во учебниците, а кои се однесуваат на политички поими не соодветствуваат на возраста на децата. „Сепак, за тоа не се виновни авторите на учебниците, туку одговорните кои ги подготвуваат наставните планови и програми. Бидејќи за да им се избере учебникот, авторите гледаат да опфатат се што стои во наставните програми“, вели таа.

Од Министерството за образование и наука уверуваат дека наставните програми се изработуваат од страна на стручни комисии во коишто учествуваат наставници, професори и советници од Бирото за развој на образованието или од Центарот за стручно образование и обука.

„При креирањето на секоја наставна програма се користат научните, стручните достигнувања и искуство, кои се однесуваат, пред сé, за целите и содржините на наставата, како и за постапното и темелно одредување на очекуваните знаења и вештини.

Наставните цели се распределуваат и систематизираат согласно емоционалниот, социјалниот, сознајниот, психомоторичкиот и моралниот развој на учениците.Наставните програми за сите наставни предмети се сообразени со возраста на децата“ објаснуваат од министерството. Оттаму велат дека кога треба на пример на дете од десетгодишна возраст да му се објасни поимот ,,демократија’’ тоа е на базично, основно ниво без сувопарни дефиниции и комплицирани термини.

„Може преку вежба во која заедно учествуваат, практично да согледаат што е демократија. Затоа при пишувањето на учебниците треба особено да се обрне внимание на стилот на изразување (усогласен на возраста на читателите), како и на обемноста и содржината“, потенцираат од Бирото.

Учебниците во основното образование за време на претходниот министер Никола Тодоров беа предмет на опсежна ревизија токму поради утврдени грешки, нелогичности и тежок стил на изразување во самите учебници, што подоцна го потврди и самиот Тодоров. Сепак, и покрај најавите за нивна делумна или целосна промена, учебниците продолжија да се користат во редовната настава.

Извор: Scoop.mk