СКРМ: Културата се уште е на дното во државните приоритети

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) е незадоволен од бавното решавање на наталожените проблеми во културата и смета дека, и покрај мали поместувања и соработка на негови членови со Министерството за култура во изминатите месеци, културата  и натаму е на дното во државните приоритети.

Претседателката на СКРМ Сања Арсовска на прес-конференција вчера рече дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од, како што рече,  хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

„Вработените од една дејност земаат помали плати во однос на вработените со аналоген статус во друга дејност. Во една институција, вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование, земаат различни плати“, рече Арсовска.

Се уште не се реализира ни ветувањето за исплаќање на стручните звања и уметничките категории, а уште повеќе се револтирани дека тоа веќе почнало селективно да се реализира. Според нивните сознанија, во Националниот конзерваторски решенија се доделени решенија.

Бараат и укинување т.н. антикризни мерки воведени во 2009 година кои забрануваат унапредувања и добивање теренски надомест и службени дневници. Сметаат дека мерката е дискриминирачка зашто не важи за други вработени во државната администрација.

Овие проблеми ќе се решат со донесување нов колективен договор, за кој Министерството за култура покажа сериозен интерес за негово скоро потпишување, но незадоволни сме од постојаното занемарување на културата при вреднувањето на трудот“, истакна Арсовска и рече дека се залагаат во законот за култура кој се  подготовува да се вметне член што ќе го утврди рокот за потпишување колективен договор.

Се трудат да бидат толерантни, рече, зашто го очекуваат колективниот договор за чие спроведување се обезбедени средства од Министерство за финансии. Законот за култура очекуваат да биде донесен во ноември, а веќе во јануари да биде потпишан колективниот договор.