„Скрипт фест 2015“ ќе понуди богата програма

Традиционалниот Меѓународен фестивал на филмското сценарио и сценаристите „Скрипт фест 2015“ ќе се одржи од 10 до 12 ноември во Кинотеката на Македонија.

Свеченото отворање на Фестивалот е на 10 ноември во 12 часот во Големата сала на Кинотеката, а организатор е Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија Презент“ од Скопје.

Фестивалот „Скрипт фест“ ќе започне со предавање на Ана Василевска на тема: Дилеми со теми или криза во умешното пишување на сценарија во македонската кинематографија. Потоа следува проекција на филмови од Меѓународната филмска асоцијација СИФЕЖ и врачување на наградите: Скрипт мост на Душан Макавеев, Скрипт фест на проф.Владимир Блажевски), Скрипт феникс на проф.д-р Мишо Нетков и Скрипт презент на Тони Цифровски.

Свеченоста ќе биде збогатена со промоција на книгите Пролетта на емигрантите од Калин Илиев (Бугарија) со реч на Јордан Плевнеш и промоција на книгата Кинеење, кино живеење од Тони Цифровски за која ќе говори Тодор Кузманов, а ќе заврши со проекција на филмови од студентите на ЕСРА и ученици од основните и средните училишта во Скопје.

Следниот ден ќе се одржи работилница со ученици од основните и средните училишта од Скопје на тема: Современата литература – потенцијална инспирација за успешни сценарија, со примери во македонската кинематографија (креирање приказна во дијалози) и ќе бидат врачени наградите за најдобри кратки и документарни филмови.

Третиот ден од Фестивалот, исто така, ќе се одржи работилница со ученици од основните и средните училишта од Скопје на тема: Приказни директно инспирирани од секојдневното опкружување (вежби за перцепција, оживување на дијалози во слика), а ќе бидат врачени и сертификатите за посетување на работилниците за филмско сценарио.

На работилниците ќе бидат презентирани и најдобрите сценарија и кратки и документарни филмови на ученици од основните и средните училишта и студенти од Скопје.

Фестивалот е поддржан и се одржува со средства од Агенцијата за филм на Република Македонија.