Скоро четири илјади нови невработени со високо образование

Скоро четири илјади нови невработени лица со високо образованиеБројот на невработени лица со високо образование се зголемува и изнесува дури 45.768, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Во последното тримесечје од минатата година, споредено со истиот период во 2011-тата, се регистрирани нови 3.890 лица кои имаат универзитетска диплома, а немаат работа. Најголем е бројот на невработени со средно образование – 123 илјади, по што следат оние со основно образование со речиси 77 илјади. Според податоците од Агенцијата за вработување, пак, минатата година биле регистрирани дури 764 невработени магистри и 17 невработени доктори на науки.

Загрижувачките податоци доаѓаат само десетина дена откако Министерството за образование и наука објави дека дури 85 проценти од младите сакаат да ја напуштат Македонија по завршувањето на своите студии, заради можностите за подобра работа и поголема плата кои можат да ги добијат во странство.

Според познавачите, ваквите поразителни бројки се резултат на неусогласеноста помеѓу потребите на пазарот на трудот и образованието. Професорката Шенај Хаџимустафа од Универзитетот на Југоисточна Европа, за Радио МОФ вели дека голем проблем е трендот да се создаде квантитет на високообразовани кадри, наместо квалитет и кадри кои навистина и требаат на земјата.

„Имаме политика за креирање на голем број на високо образовани кадри, а од друга страна немаме капацитет да ги апсорбираме. Особено што самата индустрија, односно реалното стопанство кај нас не го искористува својот целосен капацитет, така што не се креираат нови работни места за младите. Покрај самата профилираност на кадрите, треба да се види кај кои кадри постои презаситеност и да се намали бројот на дипломирани во таа област а истовремено да се мотивираат младите да завршуваат високо образование каде постои дефицит“, вели професорката Хаџимустафа.

Izjava na profesorkata Shenaj Hadzimustafa od Univerzitetot JIE by Radio Mof on Mixcloud

И покрај овие податоци, од институциите велат дека тие спроведуваат активни политики и мерки за намалување на невработеноста кај младите.

Портпаролот на министерството за труд и социјална политика, Давор Политов вели дека проблемот со невработеноста е најгорливиот проблем со кој се соочува Македонија во изминатите години.

„Владата го има детектирано овој проблем и токму поради тие причини се спроведуваат и активни политики и мерки, со цел да се намали невработеноста и да се подобри економско социјалната состојба на граѓаните. Владата од 2006 година спроведува оперативни планови со активни мерки и програми за вработување, со кои досега се опфатени повеќе од 50.000 евидентирани невработени лица, дел од нив се директно ангажирани на работни места а за дел се спроведуваат обуки и други програми“, вели тој.

Izjava na portparolot na MTSP, Davor Politov by Radio Mof on Mixcloud

Од Mинистерството за образование и наука велат дека тие работат на усогласување на студиските програми со потребите на пазарот на трудот, со цел да се намали невработеноста на високо образовните кадри.

„Усогласувањето се изведува во рамките на процесот на акредитација и евалуација на студиските програми каде што критериумот вработливост е еден од најзначајните критериуми. На високообразовните установи ќе се формираат и одбори за соработка со работодавачите што дополнително ќе влијае на поблиската соработка на академската со деловната заедница“, велат оттаму.

Според последните податоци на ДЗС, активното население во Македонија брои 948.125 лица од кои вработени се 657.849,  а 290.276 лица се невработени, што значи дека постои одредено намалување на невработеноста. Стапката на активност во овој период изнесува 56.7 отсто, стапката на вработеност 39.3 отсто, додека стапката на невработеност е 30.6 отсто.

Кристина Озимец