Скопското средно училиште „Арсени Јовков“ одбележува 50 години постоење

Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ денеска во Музејот на македонската борба ќе одбележи 50 години постоење и по повод јубилејот ќе промовира монографија, пишува МИА.

Во чест на патронот – македонскиот револуционер и публицист Арсени Јовков, (25 март 1884 – 14 септември 1924) ќе биде прикажан филмот „Македонија во слики“. Јовков, кој бил првиот македонски филмски сценарист, го снимил овој филм во 1923 година, а Кинотеката на Македонија го реставрираше во рамки на проектот за дигитализација на аудиовизуелното културно наследство.

Средното училиште „Арсени Јовков“ е формирано во 1965 година и оттогаш во него завршиле над 75.000 економски техничари, биротехничари, дактилографи и деловни секретари. Воспитно-образовната дејност училиштето ја изведува со 165 вработени од кои 136 се вклучени во наставата.