Скопско лето: Денес концерт на квартетот „Da Capo“, утре затворање со Музичка младина на Македонија

Во рамките на „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи концерт на мандолинскиот квартет „Da Capo“ од Сплит, со почеток во 20:30 часот во Музеј на Град Скопје. За утре е најавено свечено затворање на манифестацијата за 2018 година.

Мандолинскиот квартет „Da Capo“ го сочинуваат Ивана Кенк Калебиќ, Стела Иванишевиќ, Томислав Калебиќ, Стипан Поповиќ. Формиран во септември 1997 година, под името Мандолински квартет „Сплит“. Во октомври истата година учествува на Меѓународниот мандолински фестивал на „GiacomoSartoti“ во Али (Италија), каде остварува извонредни резултати. По враќањето, квартетот продолжува со функционирање под ново име „Da Capo“. На публиката за прв пат и се претставија во декември истата година, по што следеа концерти во катедралата Св. Дује, Пинакотеци на Пресвета Богородица, фоајето ХНК – Сплит, во Сутиван, Супетар и Бол на Брач, во Трогир, Макарска и Башка Вода.

Утре пак е најавено свечено затворање на „Скопско лето“ 2018, со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ со диригент Олег Кондратенко, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.