Во 2015 година, 93% од средствата од скопските општини кои се доделиле на граѓанските организации биле за спортски проекти. До овие податоци стигна Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, во документот за јавна политика во кој се анализира процесот на доделување на средства од страна на општини кои се евидентираат преку ставката „463 – Tрансфери до невладини организации“.
Од вкупниот број проекти, 48% биле поврзани со спортот, 15% со култура и уметност, додека останатите области како здравство, деца и млади или родови прашања учествувале со вкупно 20%.
„Според соодносот на поддржани проекти, може да се заклучи дека во финансирањето на граѓанските организации, постои сериозен недостаток на финансирање на палета на организации кои се занимаваат со политичкиот систем, корупција, човекови права и мониторинг на работата на буџетските корисници. Доминира финансирање на спортски и културни манифестации што укажува на тоа дека повеќето општини во град Скопје имаат традиционално разбирање за улогата на граѓанските организации во општеството“, пишува во истражувањето.
Во истражувањето се наведува дека според анализата на општинските буџети за 2015, 2016 и 2017 година, средствата кои се одвојуваат за граѓанските организации континуирано растат. Најголем раст има кај општините Гази Баба, Кисела Вода и Карпош. Но, и покрај растот предвидените средства во голем дел остануваат нереализирани или пренаменети за други потреби, се додава во документот. За 2015 година, 37% од вкупните средства за граѓанските организации (нешто повеќе од 26,6 милиони денари) останале неискористени. Општина Центар е најефективна во реализацијата со 98,77%, додека Шуто Оризари не реализирала ништо од предвидените средства за 2015 година, додека Кисела Вода реализирала само 8,37%.
Во истражувањето, се наведуваат и препораки за поголема вклученост на граѓанските организации, ефикасна реализација на проектите, како и поголема транспарентност од страна на општините.
Документот е изработен во рамки на проектот „Проект 463: Мониторинг на трансферите до граѓанските организации на локално ниво“ кој Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје го спроведува со поддршка на Метаморфозис, Фондација за интернет и општество и Британската амбасада во Македонија.