Скопскиот кантавтор Емил Бакев објави песна посветена на бегалците

„Спомни си некогаш за нас“ е новата песна на скопскиот кантавтор Емил Бакев, чиј спот беше објавен кон крајот на 2019 година. Песната е посветена на бегалците, а е напишана зимата 2016-17, кога секојдневно ги губеа животите во водите на Средоземното море.

„Тоа беше крајот на годината во која Обединетите нации регистрираа над 5000 смртни случаи при преминување на Медитеранот. Песната настана од некаков личен немир и немоќ. Една година претходно живеев во Западна Европа каде се дружев и работев со луѓе од разни земји кои морале да ги напуштат своите домови заради загрози од различен карактер, вклучително и воени бегалци од Сирија, обидувајќи се да дознаам нешто повеќе за нивните животи. Дома се вратив кога беше актуелна т.н. Балканска бегалска рута, па така имав можност да сведочам за третманот на тие луѓе на неколку различни точки на нивниот пат, вклучително и во нашата земја.

Веројатно несвесно сублимирајќи ги сите тие искуства настана песната, како отклон од често крајно поедноставеното, црно-бело посматрање на тој потресен феномен кој се одвиваше, се одвива и ќе се одвива пред нашите очи, но таа пред се’ е повик на солидарност, чин на отпор против затвореноста, стравот, незнаењето и омразата. Иако ја напишав песната од ракурсот на бегалец од Блискиот Исток, подоцна сфатив дека таа може да се однесува и на други бегалски судбини, некои од нив и нам добро познати од поблиската и подалечната историја на регионов“, вели Бакев за Радио МОФ.