Скопскиот филмски фестивал годинава ќе донесе 60 филмови

Скопскиот филмски фестивал годинава нуди богата програма и содржини, во чии рамки ќе бидат прикажани 60 филмови, ќе има повеќе гости, прес-конференции и работилници, соопштија организаторите на денешната средба со новинарите.

Годинешниот фестивал се отвора со новиот македонски филм „Медена ноќ“ на Иво Трајков, кој е направен во копродукција со Словенија и Чешка. Со режисерот, со главните актери Никола Ристановски и Верица Недеска, како и целата екипа, во која има уште триесетина македонски актери, публиката ќе може да се сретне на премиерата и на прес-конференцијата која ќе се одржи во сабота (18 април).

Филмовите се распоредени во десетина програми, па така освен Главната програма, чиј селектор е Сунчица Уневска, тука е и Програмата на авторски филм чиј селектор е Татјана Јаневска, како и новововедената Програма на хорор филмови, селектирана од гостинот од Србија, Владан Петковиќ. И годинава ќе се одржат програмите на кратки играни и анимирани филмови, а ќе има и почесна, Студентска и Програма на светски филм.

Скопскиот филмски фестивал годинава ќе донесе 60 филмови

Освен македонскиот филм, на отворањето премиерно ќе бидат прикажани и три филма од регионот кои се направени во копродукција со Македонија. Тоа се бугарскиот „Пресуда“ на Стефан Командарев, во кој игра Мики Манојловиќ, потоа словенечкиот „Инферно“ на Винко Модерндорфер. Третиот е хрватскиот „Такви се правилата“ на Огњен Свиличиќ, во кој копродуцент е Светозар Ристовски. Огњен Свиличиќ е и гостин на фестивалот, кој ќе одржи работилница под наслов „Патувањето на херојот“. Инаку, „Такви се правилата“ е филм кој е направен по вистинска приказна за смртта на еден тинејџер во Хрватска. Премиерата на филмот беше во програмата „Недела на критиката“ во Венеција, каде што награда за главна машка улога му беше доделена на Емир Хаџихафизбеговиќ.

Во главната програма се издвојува годинешниот добитник на „Златна мечка“, иранскиот филм „Такси“ на Џафар Панахи, кој се уште ја одлежува својата 20 годишна затворска казна. На програмата на фестивалот се уште три филма од Берлин кои се закитија со награди: мексиканското деби на Габриел Рипштајн во чиј филм „600 милји“ игра Тим Рот, потоа поласкиот „Тело“ на Малгоржата Шумовска, кој ја доби „Сребрената мечка“ за режија, како и германското деби „Викторија“ на Себастијан Шипер, кој доби награда за уметнички придонес во поглед на употребата на камерата.

Погледнете го комплетниот распоред на прикажување на филмовите на годинешниот Скопски филмски фестивал.