Скопскиот, Битолскиот и Штипскиот универзитет ќе го зајакнуваат електронското издаваштво

Скопскиот, Битолскиот и Штипскиот универзитет ќе го зајакнуваат електронското издаваштвоСо потпишување на нов договор помеѓу ректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,„Св. Климент Охридски“ oд Битола и „Гоце Делчев“ од Штип, се продолжува соработката во наставно-научната, образовната и истражувачката дејност, но предвидени се и новини во издавањето на учебници.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски рече дека продолжувањето на соработката ќе биде во насока на заеднички програми и објавување на заеднички учебници, пренесе МИА.

„Кај нас учебниците се продаваат по цена на чинење, не со некоја екстра заработка. Потоа средствата од тие учебници одат повторно во Фондот за издавачка дејност за да се печатат нови. Новина која ќе ја воведеме, а која мислам дека веќе функционира на некои универзитети, е малку повеќе да се посветиме на електронското издаваштво како една форма на приближување на учебниците до студентите, а сепак економски поисплатлива, рече Стојковски.

Тој додаде дека во последниве неколку години универзитетот има отпечатено 217 учебници и учебни помагала во печатена форма.

„Во електронска форма нема учебници, бидејќи не е едноставно да го поставиме. Електронската форма не е само да го копирате текстот и да го поставите на веб страница, туку треба да се води сметка и за заштита на авторските права на авторите на соодветното дело“, вели Стојковски.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Сашо Митрев вели дека кај нив веќе една години функционира издавачката дејност во дигитална форма и не се продаваат учебници, туку се исплаќаат само авторски права на наставниците кои ги подготвуваат учебниците.

„Студентите добиваат учебници без пари, значи не плаќаат ништо. Не може никој да ги уценува ниту за купување, ниту за да добијат оценка на испит, затоа што можат без пари да си ги симнат од веб страната. Соработката меѓу универзитетите треба да биде поинтензивна“, вели Митрев.

Соработката меѓу унивезитетите ќе се остварува во областа на уписната политика на студентите, во рамки на наставно-научната, образовната и истражувачката дејност, меѓународната соработка, издавачката дејност, на полето на културните, уметничките и спортските активности.