„Скопски градски фестивал“ од 11 до 13 мај

Четвртото издание на „Скопски градски фестивал“ ќе се одржи од 11 до 13 мај на повеќе локации низ градот – Младински културен центар (МКЦ) и Филхармонија, а организаторите најавуваат повеќе музички настапи од балкански и европски изведувачи.

На 11 мај, четврток во Кино Фросина, МКЦ, свој настап ќе има хрватскиот џез музичар, Елвис Станиќ и „АЏС“ Квартет.

Станиќ е лидер на групата „Елвис Станиќ Груп“, со која настапувал на џез фестивали во САД, Англија, Холандија, Австрија, Италија, Турција, Германија, Норвешка, Грција, Унгарија.

„АЏС“ Квартет е составен од албанските џез музичари – пијанистот Гент Руши, Ермал Роди, саксофон и флејта, басистот Рони Ѓура и тапанарот Емилијано Џимо.

„Квартетот има успешна регионална и меѓународна кериера, настапувале во Кина,  Италија, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија“, посочуваат организаторите „Баги комуникации“.

На 12 мај, во петок, во големата сала во Филхармонија ќе настапи Биља Крстиќ и оркестарот „Бистрик“.

„Крстиќ и Бистрик имаат долгогодишна успешна кариера, со голем број настапи на сите континенти, со добиени голем број награди и признанија, музика создадена за филмови и ТВ серии, 5 студиски албуми и 2 албуми со филмска музика. Голем дел од репертоарот на Биља Крстиќ и Бистрик се обработки на македонски традиционални композиции, кои ќе бидат изведени на нивниот концерт“, велат од организацијата.

На 13 мај, во сабота, во камерната сала на Филхармонија, свој настап ќе одржи и пијанистот Бобан Мирковски, кој ќе го промовира својот најнов музички проект -„АЛБУМ“, кој содржи 12 македонски композиции изведени на пијано.

„На концертот ќе бидат изведени некои од најпознатите македонски евергрини, создадени во периодот од 1969 до 2001 година. Ќе бидат застапени дела на некои од  композитори меѓу кои и Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов, Григор Копров, Влатко Стефановски, Кире Костов, Љупчо
Мирковски, Димитар Масевски, Ванчо Димитров, Калиопи Букле, Дарио Панковски, Александар Митевски“, велат од „Баги комуникации“.

Оттаму дополнуваат дека сите композиции ќе бидат изведени со нови аранжмани, специјално создадени за концертот во рамки на фестивалот, кој ќе биде насловен „Ја чуваме македонската музика“.

Во рамки на „Скопски градски фестивал“ во периодот од 26 мај до 5 јуни во МКЦ ќе биде отворена изложба на македонски музички плакати.

„На изложбата ќе бидат претставени плакати на македонски музичари и групи од изминатите три децении, и ќе биде своевиден пресек на музичкиот дизајн кај нас и документ за 30 годишното постоење на македонската музичка сцена“, посочуваат организаторите.

Влезници за фестивалот можат да се набават онлајн.