„Скопски цветен фестивал 2017“ викендов во паркот „Македонија“

Градот Скопје и Јавното претпријетие „Паркови и зеленило“ на 27 и на 28 мај (сабота и недела) во паркот „Македонија“, наспроти „Веро 2“ крај булеварот „М.Т. Гологанов“ ќе го организираат четвртиот по ред „Скопски цветен фестивал 2017“.

Скопскиот цветен фестивал е мултимедијална манифестација која по четврти пат на едно место ќе ги собере љубителите на цвеќето, природата, уредувањето на просторот, креативците и професионалците од областа на хортикултурата.

Според официјалната програма, посетителите на фестивалот, во текот на двата дена, ќе имаат можност да погледнат и да купат цвеќе и цветни аранжмани, да учествуваат во работилници за цртање, садење цвеќе, изработка на цветови од хартија, цртање на текстил. Исто така, ќе можат да добијат совети, консултации и идеи поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото, но и да се дружат на отворено.

Фестивалот ќе го збогатат голем број изложувачи, а за забавниот дел од фестивал се најавени повеќе музичари и групи.