Скопски цветен фестивал 2016 под мотото „1000 цвета за Скопје“ ќе се одржи овој викенд

Овој викенд, 14 и на 15 мај, во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, ќе се одржи третиот по ред Скопски цветен фестива. Мотото на годинешниот фестивал е „1000 цвета за Скопје“.

Скопскиот цветен фестивал е мултимедијална манифестација која по третпат на едно место ќе ги собере љубителите на цвеќето, природата, уредувањето на просторот, креативците и професионалците. Во текот на два фестивалски дена граѓаните ќе имаат можност да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат совети, консултации и идеи поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото, да се дружат на отворено и да се забавуваат.

Организатори на фестивалот се Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“. Градот Скопје за организацијата на третиот Скопски цветен фестивал издвои 3 милиони денари.

Цветниот фестивал ќе почне на 14 мај (сабота) во 10 часот со цветно дефиле во кое ќе учествуваат околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија. Дефилето ќе тргне од фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк и ќе заврши на локацијата предвидена за фестивалот, во вториот дел од Градскиот парк.

Според програмата, третотото издание на Скопскиот цветен фестивал ќе ги понуди следните содржини:

1. Цветен центар – претставување на фирми-излагачи од земјава и странство, чија дејност е од областа на хортикултурата и производството на цветен и саден материјал (Грин планет; Хорти дизајн; Китка; Розен центар Фоја; Пинар С; ЈП „Паркови и зеленило“; Флораком; СУГС „Ѓорѓи Димитров“; Хортикултура МК (портал за хортикултура); Шумарски факултет Скопје и други).

2. Креативни работилници и иновации – на цветниот фестивал ќе се организираат креативни работилници за сите возрасни групи: Мојот прв насаден цвет – работилница за деца и изработка на цветни оригами, венчиња од цвеќе, работилница за изработка на цветен аранжман, основи на

фотографија, цртање и боење, драмски перформанси, ликовни работилници, Македонско Монтесори здружение.

3. Дизајнирање цветна приказна – уредување на 3 до 5 цветни градини на определена површина. ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ги обнови градините од претходните години и ќе уреди уште две нови хортикултурни и цветни решенија.

4. Стручни совети за хортикултурно уредување – сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да се информираат за одгледувањето цвеќе и да добијат корисни совети од професори и дипломци од Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“ (насока хортикултура) како и останати стручни лица со искуство во планирање, уредување и одржување на зелениот простор.

5. Зона на забава – забавни и едукативни игри, ритмички и танцови групи, јога, пилатес, музички групи, oтворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави.

6. Еко пикник – место за одмор, релаксација, разговори, библиотека на отворено – разгледување и размена на списанија за уредување на надворешен простор. Вљубеници во пишаниот збор ќе читаат извадоци од книги проза и поезија.

За посетителите, Скопскиот цветен фестивал ќе биде отворен од 10 до 20 часот на 14 мај (сабота) и од 10 до 18 часот, на 15 мај (недела).