Скопската зоолошка ќе се приспособува за посета на лица со оштетен вид

Зоолошката градина во Скопје ќе отпочне процес за нејзина целосна адаптација за посета на лица со оштетен вид.

Ќе бидат поставени специјални тактилни патеки, информативни табли со звуци и Браево писмо, а ќе се обучи и кадарот, најави директорот на зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски.

Тој денеска се сретна со директорот на државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, Горанчо Јакимов, секретарот на Национален сојуз на слепи, Стерија Димов, и професорот на Штуловиот универзитет, Шпетим Љатифи за да се договорат заеднички да отпочнат со процесот за целосна адаптација на зоолошката за посета на оваа категорија лица.

„Мислам дека ќе бидеме прва Зоолошка во Европа што ќе биде оспособена на ваков начин, а имаме и општествена одговорност заеднички да се заложиме оваа институција да биде адаптирана за луѓето со оштетен вид, бидејќи и тие ни се чести и добредојдени гости“, изјави Галетановски.