Скопската премиера на претставата „Планинските Џинови“ во МНТ

Скопската премиера на претставата „Планинските Џинови“ од Луиџи Пирандело, а во режија на Паоло Маџели ќе се одржи на 26 април во Македонскиот народен театар, по што ќе следуваат и две репризи на 27 и 28 април.

„Планинските џинови“ е последното дело на Луиџи Пирандело, виртуозот на театарскиот збор, кому шведската академија во 1934 година му ја додели Нобеловата награда за „смело и инвентивно оживување на драмската и сценската уметност. Ремек делото „Планинските џинови“ остана недовршено поради смртта на авторот. Вака крајот на делото е оставен на нашето мечтаење и на волјата на идните времиња.

Премиерата на оваа претстава се одржа на 2 март во Риека, а како дел од ансамблот се и актерите Џевдет Јашари и Фисник Зеќири. Претствата е дел од регионалниот проект „(Ре)Откривање на Европа„ кофинансиран од ЕУ, Креативна Европа и е копродукција на Италијанската драма при Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Словенечки Стален театар, Унгарскиот театар КДЗС Суботица, Германскиот театар Темишвар од Романија и НУ Албански театар од Скопје.

„Планинските џинови претставува мит за уметноста. Современа бајка која ги руши бариерите меѓу актерите и публиката, меѓу реалното и нереалното. Приказната следи актерска трупа која лутајќи низ едно недефинирано место и време, во простор кој се наоѓа меѓу стварноста и бајката. Во таа магија на нивната заедничка невозможна потрага по универзалната вистина, се станува можно. И разбирливо. Со моќта на театарот. Различните јазици кои се користат во оваа претстава само привидно се разликуваат. Сите ги разбираме. И токму нивната различност ја покажува универзалноста на нашиот јазик – јазикот на театарската уметност“, вели Жељка Удовичиќ – Плештина, драматург.

Претставата се изведува на италијански, словенечки, албански, унгарски и германски јазик. Во Скопје ќе биде обезбден титл на албански и на македонски јазик. Влезот на премиерата е бесплатен за студенти.