Скопската гимназија „Цветан Димов“ ќе добие модерна и енергетски ефикасна фасада

СУГС „Цветан Димов“ ќе добие нова модерна енергетско ефикасна фасада, која ќе има стаклена фасада, подобра изолација и ќе штеди енергија.

Ова денеска го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов откако започнаа градежните работи за реконструкција на фасадата на училиштето.

„Новата енергетски ефикасна фасада на „Цветан Димов“ ќе има специфичен визуелен и естетски стил, односно ќе биде стаклена со алуминиумски композитни панели во боја. Оваа реконструкција ќе заштеди енергија и полесно ќе се одржува температурата во зимскиот и во летниот период во училиштето. Учениците и професорите ќе имаат поквалитетни и подостоинствени услови за настава“, рече Шилегов.

Од Градот Скопје соопштија дека инвестираат во повеќе сегменти од образованието – половина од училиштата добиле енергетско ефикасни фасади, во другата половина од училиштата се реконструирала внатрешноста во согласност со потребите. Дополнително обезбедени биле стипендии за над 100 средношколци спортисти, ангажирани се 17 образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби.

Од градските служби посочуваат и дека сите средношколци добиле бесплатен јавен градски превоз, а во осум училишта биле направени тоалети за лицата со попреченост и биле обележани паркинг-места за лицата со посебни потреби во кругот на училиштата.