Скопска промоција на книгата „Светиот завет“ на Томислав Тунтев

Светиот завет“ е најновата книга на охриѓанецот Томислав Тунтев, која денеска (2 ноември) ќе биде промовирана во Скопје. Настанот е закажан за 11.00 часот, во кафе-бар “Мартини”, во ТЦ „Лептокарија“.

Книгата, според рецензентите Владо Жура, Милчо Јованоски, Стојан Савески и Горан Михајловски, се обидува да даде одговор на многу непоставени и досега неодговорени прашања поврзани со охридското битие низ вековите, како и за многу други неверојатни и зачудувачки сознанија и податоци кои ретко можат да се најдат низ светските историски книги и преданија.

Рецезентот Горан Михајловски вели дека авторот од љубовта кон Охрид создал мит и го артикулирал како завет.

„Љубовта кон градот е заветот што тој го драматизира и од тоа успева да направи приказна, која на моменти се чини дека е роман, а на моменти историско истражување. Таа мешавина на мистиката и реалноста е направена со чувство и непретенциозно. Токму затоа, оваа убаво искомбинирана фикција со историски факти станала читлива приказна. За тие што го познаваат Охрид, овој роман доаѓа како освежување, а за тие што не го знаат е вистинско откритие“, вели Михајловски.

Книгата „Светиот завет“ на промоцијата ќе се продава по симболична цена, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.