„Скопска“, освен за билети на ЈСП, да се користи и за други плаќања

По повеќе од две години од нејзиното воведување, електронската картичка „Скопска“ сè уште се користи единствено за патување со јавниот автобуски превоз во Скопје. Експертите посочуваат дека скопските јавни претпријатија треба да се обидат на оваа картичка да го вклучат и плаќањето паркинг за возилата, изнајмувањето велосипед, па дури и некои нетранспортни услуги од типот на посета на музеј или користење на хотел.

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет од Битола, нагласува дека воведувањето на електронскиот паричник „Скопска“ во јавниот превоз во Скопје е мерка во вистинска насока, но таа треба да се надоградува со текот на времето. Во земјите на Европската Унија, вели тој, нашироко се промовира концептот за мобилност како решение со кое на една платформа може да се најде информација и да се плати за сите комбинирани услуги за транспорт.

Од ЈСП – Скопје, кој го спроведува електронскиот систем за наплата на билети преку картичката „Скопска“, велат дека одлуката за ова прашање е на Градот Скопје. Градските власти пак велат дека со воведувањето на новиот јавен систем за самоизнајмување велосипеди во Скопје ќе се оствари ваквата можност. Идните терминали за изнајмување велосипеди со инсталираните читачи ќе можат да ги детектираат другите паметни картички, како што се оние за градски превоз или за паркинг. Засега нема конкретен рок кога ќе се работи на надоградба на картичката „Скопска“ за користење на дополнителни услуги, но од Град Скопје посочуваат дека најпрво ќе работат на воведување на новиот систем за изнајмување велосипеди.

Картичката „Скопска“ беше пробно воведена во автобусите на ЈСП – Скопје на 1 август 2015 година. Електронскиот систем за наплата на билети постана задолжителен на 1 јануари 2017 година, од кога сите граѓани што го користат јавниот превоз во Скопје мораат да ја поседуваат оваа електронска картичка.

Извор: МЕТА