Skopje Youth Summit: Што после револуцијата?

Големите промени зад промената на режимите и научените лекции, сликата на револуцијата по нејзиното завршување и имплементацијата на новите системи беа главниот фокус на дискусијата „Од заложба до акција“ која денеска беше дел од третиот ден на конференцијата „Skopje Youth Summit“ која се одржува во МКЦ Скопје.

За тоа како се поттикнува активизмот, но и како функционираат движањата зборуваа тројца говорници кои доаѓаа од Венецуела, Зимбабве и Ерменија.

Авник Меликијан, претседателка на организацијата „Политички дијалог“ која шест години е дел од граѓанското општество, говореше за нејзиното учество во процесите во Ерменија.

„Имавме претседател кој во основа беше се она што го мразевме. Корупција, олигархија, неправедност… Го смени уставот со фалсификуван референдум, за да може повторно да биде избран за премиер од страна на парламентот. Ние не бевме задоволни со тоа, па решивме да направиме нешто. Излеговме на улиците, не размислувајќи дека правиме револуција. Кога излеговме на улиците бевме очајни, очајни поради тоа што се боревме со режимот веќе 10 години. Бевме очајни поради социо-економската ситуација, а состојбата во земјата се влошуваше. Очајни бевме поради етничките и верските конфликти кои ги имавме со нашите комшии“, рече Меликијан.

Движење поради очај, вака ги опишува Меликијан протестите, поттикнати од проблемите кои доаѓаат од луѓето кои ја имаат моќта. Зборувајќи за најдобрите практики кои во нивниот случај биле успешни, вели дека една од нив била децентрализацијата на револуцијата.

„Мислам дека главната работа, специфична за случајот на Ерменија, беше децентрализацијата. Нашата револуција беше децентрализирана, иако имавме лидер што се појави за време на револуцијата, не на почетокот. Па, луѓето не се обединија за некого, туку против некого“, објаснува Меликијан.

Револуцијата појаснува, била екстремно инклузивна, ги користеле дигиталните алатки за комуникација, а смета дека тоа што револуцијата претставувала и граѓанско и политичко движење, ја направило да биде успешна приказна.

Околу инклузивноста и транспарентноста во политичките процеси, 26 годишниот Оскар Патињо од Венецуела, активист за човекови права и адвокат, вели дека некој може да биде постојано транспарентен, но, доколку се најде барем во една ситуација каде што не е, сите напори исчезнуваат.

„Транспарентноста, кога зборуваме за граѓанските движења, мора да биде принцип што треба да ги придвижува сите ваши постапки“, истакна тој.

Во граѓанското општество, додава, моќта доаѓа од народот.

„Можеби не можете да ја постигнете целта сами, ако се работи за големо достигнување, па ви требаат ресурси, моќ, енергија од сите ваши поддржувачи. Не можеме да ја направиме големата промена сами. Ако знаете кои се вашите луѓе, и препознавате дека ви требаат и им требате како лидер, тоа би било еден добар круг за вашето движење во граѓанското општество“, советува Патињо.

За активистката од Зимбабве, Гланис Чангачирере која е директорка на Институтот за развој на млади жени и основачки координатор на Форумот за жени водачи на Африка, транзицијата од граѓанските движења во владејачките структури е многу важна.

„Значи, претпоставуваме дека кога правиме врева, кога протестираме, владата дефинитивно знае што сакаме, или тие луѓе што се внатре знаат што сакаме. Многу е важно прогресивните умови во општеството, експертите, технократите, луѓето кои знаат што треба да се направи од владина страна, и имаат идеи како да се направи тоа, да влезат во политиката и да ја движат промената од внатре“, објаснува Чангачирере.

Конференцијата „Skopje Youth Summit“ која завршува денеска, претставуваше место за изразување на 200 млади активисти за човекови права, претставници од граѓанскиот сектор, артисти и млади политичари од целиот Западен Балкан.