Skopje Youth Summit: Млади повикаа на борба против национализмот и омразата

Како да се победи омразата? Кога да ги гледаме луѓето само како добри и лоши, а не по националности? Како да се надмине болката? Ова беа дел од прашањата поставени на дискусијата „Dealing with the past- recognizing power in pain/Соочување со минатото – препознавање моќ во болката“, која се одржа денеска во рамки на „Skopje Youth Summit“ кој од 3 до 5 декември се одржува во МКЦ Скопје.

Низ призмата на животните приказни, говорниците повикаа на борба против национализмот и омразата. Забележаа дека проблемите од минатото предизвикани од воените дејствија во поранешна Југославија се уште будат немир и чувство на неправда кај народите од овие земји.

Зијо Рибиќ е активист за мир, кој преживеал масакар во војната во Босна и Херцеговина, губејќи го целото семејство. Во 2001 се враќа во Босна, во градот Тузла со што продолжува да се бори за мир против омразата.

„Кога зборував со луѓето за помирување, нормално беше тешко да прифатат, прво да не мразат, второ како да простат за нешто што се случило. Но со текот на времето сфаќаат некои нешта и тогаш мене ме прашуваат како јас сум простил. Тогаш и тие се обидуваат, но е многу тешко“, вели Рибиќ.

Ајна Јусиќ од организацијата на „The Forgotten Children of War Association“ пред присутните ја сподели својата животна приказна и тоа како луѓето реагирале на нејзиниот активизам.

„Мојата мајка 15 години криеше дека сум резултат на силување, со страв дека ќе се соочам со одбивање од општеството, како и таа во текот на тие години“, објаснува младата Јусиќ.

Вели дека по војната во Босна се родени  50 000 деца од силувани мајки од кои се срами и ги отфрла.

„После 25 години застанав пред нив, и реков јас сум тој резултат и да, можеш да ме допреш, јас сум човечко суштество но не сакам да сум само број и не сум само дете на омразата. Тие беа шокирани, но имаше и позитивни реакции и такви што зборуваат за нации и етнички нешта. Во овој момент разбирам дека на нашето општество му треба повеќе време, бидејќи се соочуваат со мене, но и со други луѓе. За 25 години јас само плачев и плачев, и се обидов да замислувам друг живот затоа што не бев задоволна и среќна со овој. Но, во сега овој момент јас сум среќна“, вели Јусиќ.

За активистката Саранда Богујевци од Косово е важно како се третирани луѓето кои страдаат, семејствата на преживеаните, семејствата на исчезнатите луѓе и жените кои биле силувани.

„Важно да се соочиш со минатото, да продолжиш напред. И една од најважните работи е препознавање на болката на оние што страдале најмногу, на жртвите, преживеаните. Мислам дека овие нешта одиграле голема улога во тоа како ние гледаме на иднината и што ќе се случи во иднина,“заклучува таа.

Dealing with the past – recognizing power in pain

This panel will present the stories of young people affected by the wars in ex-Yugoslavia, and about how they channeled their pain into forces of change, truth and reconciliation.

Posted by Skopje Youth Summit on Wednesday, 4 December 2019

„Skopje Youth Summit“ беше отворен вчера во Младинскиот културен центар. На него учествуваат 200 млади активисти за човекови права, претставници од граѓанскиот сектор, артисти и млади политичари од целиот Западен Балкан.

Ангела Илиевска