Skopje Youth Summit: Да го направиме Балканот повторно секси

Како младите од Западен Балкан да имаат пристап до едукативни размени во странство, но во исто време да се вратат и да се докажуваат во својата држава, е главната тема на која се дискутираше на панел дискусијата во склоп на Skopje Youth Summit во МКЦ Скопје.

На почетокот на дискусијата се покренаа прашањата за тоа што е одлив на мозоци, што е размена, и зошто се случува тоа.

Вук Вујишиќ од Црна Гора е млад активист и волонтер уште од своите 16 години. Волонтирал во бројни активности и иницијативи. Тој е основач на студентска иницијатива, а исто така и иницијатор на кампањата #НЕЌУДАИДЕМ („Не сакам да си одам“), која бара решение на проблемот со масовното заминување на младите од регионот.

„Луѓето најчесто бегаат од нашите земји за да студираат и да се стекнат со нови искуства. Ние не сме против размената, јас мислам дека сите млади треба да посетуваат други држави, да запознаат други култури, да се стекнат со нови искуства, но мислам дека младите треба да добијат шанса да работат и во нашите држави и да се докажат себеси во нашите држави. Има огромна разлика од тоа да се оди на размена до тоа што го нарекуваме „одлив на мозоци“ – рече Вујишиќ.

За искуството во Македонија, пак, зборуваше Антонета Иванова, која е регионален програмски менаџер на Балканска зелена фондација. Таа има 18-годишно искуство во граѓанскиот сектор, со спроведени повеќе од 100 проекти, насочени кон вработување и претприемништво во регионот на Западен Балкан. Основач е и на Младинифо, образовна платформа која се прошири и во 5 други држави низ Европа.

Нејзините ставови не беа многу поразлични од тие на Вујишиќ.

„Одливот на мозоци постана жежок проблем бидејќи младите не видоа никаков напредок во политичката ситуација во регионот. Од друга страна, би рекла дека технологијата имаше голема улога во ова бидејќи последните 10 години на тој начин младите ги убедуваа, т.е им помагаа на  да најдат други образовни можности настрана. Одливот на мозоци не е проблем само во Македонија, туку и во целиот регион. Но, нашата мисија беше тоа на младите да им се даде можност за размена, воглавно да се стекнат со подобри знаења во странство и да се вратат да го споделат тоа знаење во сопствените држави. Но, во последните години се соочивме со тоа да имаме големи побарувачки за работна сила од европските држави. Тоа беше една од причините зошто младите од овој регион наоѓаат можности да останат во европските држави, па сега регионот се соочува со немање доволно работна сила и образовани луѓе“, смета таа.

Во дискусијата учествуваше и Лиза Гаши од Косово. Таа е водач, иноватор и претприемач со глобално искуство во создавање програми и управување со кампањи. Гаши е основач и извршен директор на ГЕРМИН, граѓанска организација која ги олеснува и јакне врските помеѓу дијаспората, граѓаните и владите.

За неа, одливот на мозоци е израз за луѓето со многу вештини и способности кои сакаат да си заминат, најчесто поради подобри плати, ама и поради тоа што посакуваат подобар живот.

„Подобар живот значи младите да имаат можност да напредуваат како поединци и да можат да влијаат во општеството. Одливот на мозоци отсекогаш беше проблем…Не само во нашите земји, туку и во целиот свет. Луѓето со многу вештини и знаења најчесто не се пронаоѓаат себеси во системот кој не заклучува и е полн само со поплаки. Овој регион секогаш ја имал таа историја во која луѓето си заминуваат, можеби поради транзицијата, или можеби поради тоа што не се чуствуваат посакувани цените дома“ – рече Гаши.

Но, според неа, во 21 век никој нема право да кажува кој каде да оди и живее, па го спомна и примерот со миграцијата од Сирија, велејќи дека не треба да ги гледаме како странци, туку како пријатели кои не сме ги запознале досега.

Вујишиќ, пак, истакна дека дури 72% од младите во Црна Гора сакаат да си одат токму поради економијата. Но, и тројцата говорници, како и голем дел од учесниците се согласија дека младите не си заминуваат само заради економијата, туки заради аерозагадувањето ,проблемите во сообраќајот, образованието и администрацијата.

Кога се зборуваше за вработување,  учесниците се согласија дека не треба да се чека само од Владите и државниот сектор.

„Зошто да бидеме само следбеници, зошто да не бидеме лидери и не направиме нешто ново? Треба да се бориме и најдеме решение, а не да си одиме. Јас се вратив и одлучив да се борам“, гласно кажа еден од учесниците.

Тие се согласуваат дека со влез во Европската Унија би се подобрила позицијата на младите во нивните земји. Но, според Гаши, треба да се тргне од внатрешноста на самите земји, па потоа да се пристапи кон ЕУ.

„Како мали земји во развој немаме капацитет да ги задржиме младите на едно место. Замислете дека се будите и нема струја, нема вода, а соседот ти го оставил ѓубрето во лифтот… Дали тоа се проблеми на ЕУ? Не, наши се и ние можеме да ги поправиме, ако сакаме“, изјави Гаши.

Иванова пак, се присети и на проблемот со масовното иселување на младите во источниот дел од Македонија.

„Источниот дел на Македонија сега е празен, мнозинството имаат бугарски пасоши и си одат, па сега таму имаме празни градови и села, бидејќи таму немаме болници, градинки, патишта, училишта… Затоа мораме да бидеме свесни дека ако сакаме младите да се вратат, треба да ги подобриме најосновните улови. А, Балканот нема да биде секси повторно доколку сите земји на балканот не размислат што имаат и што можат да понудат. Балканот треба да ја смени својата визија и да работи на нејзино остварување. Да го направиме Балканот секси повторно“,  рече таа.

Сепак, таа се надева дека младите знаат што саакат и ќе го бараат тоа од Владате. Како пример ги зема и пофали младите кои излегоа на маршот за чист воздух во Скопје.

Со панел дискусијата за одливот на мозоци заврши Младинскиот Самит (Skopje Youth Summit) кој се одржуваше од 3 до 5 декември во Младинскиот културен центар во Скопје во организација на Младинската иницијатива за човекови права (YIHR).

На самитот учествуваа 200 млади акстивити за човекови права, млади политичари и артисти од Западен Балкан. Во рамки на самитот беа одржани многу панели, дискусии, работилници, а имаше и многу артисти кои се погрижија да направат забава за младите.

Александра Субашиќ