Скопје трча 10км на 8 октомври – во тек е пријавување

Организаторите на Виз Ер Скопскиот маратон подготвуваат нова трка „Скопје трча 10км“, која ќе се одржи на 8 октомври.

Пријавувањето за трката е отворено пред една недела и се очекува голем интерес. Трката ќе се одвива долж улиците на главниот град. Со ова од Виз Ер Скопски маратон потенцираат дека сакаат да започнат нова традиција во одржувањето на уличните трки.

Покрај трката на 10 километри ќе се одржи и штафетна трка на 2 х 5 километри. Во склоп на трката на 10 км, ќе има и тимско натпреварување, каде компании и организации може да се вклучат.

Скопје трча 10КМ (Skopje Run 10K) се организира од страна на Сојуз на спортови на Скопје, Атлетски клуб Работнички и Атлетска Федерација на Македонија. Пријавувањето започна во петок, 15.09.2017, и секој кој е заинтересиран за регистрација може да ја посети официјалната веб-страница.

Генерален покровител на Скопје трча 10КМ е Агенција за Млади и спорт, помогната од партнерите и спонзорите. Оваа трка е влезена во календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА), а од следната година е предвидено да стане член на Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки (АИМС).

Стартните пакети ќе се подигаат на 7 октомври во Спортскиот Центар Борис Трајковски.