Скопје Стрит Фестивал по трети пат ќе го буди урбаниот пулс на градот

Оваа година, на 5-ти и 6-ти Јуни, за трети пат во Скопје ќе се одржи единствениот, отворен фестивал за млади, Скопје Стрит Фестивал. Фестивалот е во организација на здружението на граѓани за организирање на настани, Подиум Скопје. Како и минатите години, и на ова трето издание, ќе се зборува за мултикултурата и мултиетничноста и ќе се буди урбаниот пулс на градот.

На Скопје Стрит Фестивал и оваа година ќе има шест стејџа: стрит бол, денс стејџ, графити стејџ, скејт/блејд/БМХ, игло работилници и музички стејџ. Ќе се организираат натпревари на стрит бол и на денс стејџот, a и несекојдневен графити battle. За прв пат во Скопје ќе се организира и отворен Skopje Street Jam, за кој има огромен интерес и од другите земји околу Македонија.

„Учесници на фестивалот ќе има од Србија, Косово, Албанија, Хрватска. Фестивалот праќа порака на обединетост и има за цел да ги оттргне младите од она наметнато секојдневие кое ги задушува, да ги повика во Градски Парк на забава и едукација. Одличните креативни работилници се уште еден сегмент кој го прави овој фестивал поразличен од останатите. Тие се отворени и се креирани токму од секојдневната улична инспирација. Брејкденс работилница, “Дојди на Custom патика”, Мултикулти работилница ова се само дел од интерактивните работилници на Скопје Стрит Фестивал, 2015“, велат организаторите.

На главниот музички стејџ ќе настапат Бед Копи од Србија, македонскиот прогресивен инди поп и кантри бенд Џун, Ана Мало и Еми Ермилова на диџеј пултот, Гоце Саф, Димитри фром Чаир, Чваре, Ya’Man и андерграунг легендата во драм н бејз, продуцентот и диџеј LTJ Bukem feat. Stamina MC од Лондон.

На третото издание на Скопје Стрит Фестивал се приклучија социјално-одговорни компании и институции кои ја поддржуваат мисијата за градење на улична култура. Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Пелистерка, Македонски Телеком, Win Music Freedom, Ред Бул, и многу други кои помогнаа овој фестивал да остане отворен за сите.

Сите информации граѓаните може да ги најдат на фан страна на фејсбук или на веб страната на фестивалот.