„Скопје стрит фестивал 4 “, поинаква платформа за урбано будење

Од 10 јуни во 17 часот, па се до 12 на полноќ, Градскиот парк ќе биде главната точка на среќавање за сите оние кои посакуваат поинакво Скопје. На вкупно пет креативни сцени за урбана култура: графити, стрит бол, работилници, денс и музички стејџ, се очекуваат да присуствуваат над 5.000 посетители за да бидат дел од четвртиот „Скопје стрит фестивал“.

Како новитети за оваа година се најавуваат неколку интерактивни работилници „`Custom` патика”, работилница за продукција на музика „Beats & Breaks” со диџеј Propo 88 од Холандија и „Red Bull Curates“ проект за креативно исцртување нови површини.

Нова сцена за оваа година, поддржана од Win Music Freedom, е и „Dj’s Clash“ натпреварот кој ги повикува сите млади вљубеници во електронската музика да се пресметаат со свој 30-минутен сет. Победникот ќе биде оценуван од познати македонски диџеи и тој ќе добие можност за двочасовен сет во некој од скопските клубови.

На музичката сцена ќе гостуваат: Чваре, Страјк, Илич, Гоце Саф,Prti Bee Gee feat. Bvana, Оки Доки, Дражи Драгс, Славе, Natty Fiyah SS, Новиот почеток, The John, Irie FM, Лука, Гето Руди, Propo 88 и Delinquent Habits директно од Лос Анџелес.

„ССФ продолжува и оваа година со уште поголема динамика и поширок концепт за градење на улична култура и урбано будење. Скопје претставува симбол на солидарноста и подадена рака, па оттаму и идејата за споделување на нови искуства од еден поинаков вид. Фестивалот е од отворен тип и навистина претставува отворена и слободоумна платформа за споделување на забава, креативност и едукација. Идејата ние да ги разбудиме младите, да излезат и да покажат на кој начин креативно ќе можат меѓусебно да се „пресметаат,” велат организаторите.

Фестивалот не наплаќа карти и влезот е слободен за сите сцени, сите три дена.

Скопје Стрит Фестивал се одржува од 2013-та година. Секоја година, над 100 урбани артисти имаат можност да ја изразат својата креативна мисла во неколку простори. Оваа година фестивалот беше добитник и на две престижни меѓународни награди на Eventex-Global Event Awards во Софија, за најдобар културен настан и најдобар фестивал.