Друштвото на ликовни уметници од Македонија (ДЛУМ) во рамки на Скопско културно лето традиционално ја организира изложбата „Скопски урбани приказни“, годинава насловена „Скопје: Сензорен град“ утре, 1 јули од 19 до 22 часот. Куратор е д-р Ана Франговска на чиј концепт одговорија 15 уметници – универзитетски професори, декан и продекан на факултет, исклучителни сликари, скулптори и графичари од средната и помладата генерација.
„Изложбата со современиот концепт овозможува прикажување на уметнички дела во отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката. Движењето низ центарот на Скопје и следење на концептот е овозможено со мапата на која се означени локациите на ликовните дела“, информираат од ДЛУМ.
Мултисензорната изложба „Скопје: Сензорен град“ нуди алтернативна перспектива: градот како живо тело, кое се доживува преку сите сетила.
„Ова не е само изложба, туку искуство – експериментално-социјален проект што ги следи телото, емоцијата и сензацијата како алатки за критичка перцепција на урбаното. Изложбата ја отвора идејата дека перцепцијата е политичка, дека сетилата можат да станат отпор, дека телото е документ на градот. Во пет (плус едно) сензорни зони – слух, вид, допир, мирис, движење и имагинација – уметниците создаваат интерактивни, сензуални и поетски простори кои го преиспитуваат начинот на кој го чувствуваме и го паметиме Скопје“, појаснуваат од ДЛУМ.
Како што велат, од звучни пејзажи до допирливи скулптури, од мирисни архиви до хибридни видеа, секој дел од оваа поставка е покана за интимна, телесна, а понекогаш и политичка реакција. Уметниците креираат сензорни простори кои го активираат: слухот (звучни мапи, аудио архиви), видот (фрагментирани прикази, заборавени визии), допирот (тактички скулптури и материјали), мирисот (архива на лична и урбана меморија), движењето (акции) и имагинацијата како начин за урбан отпор.
Учествуваат Игор Сековски, Борис Шемов, Гордана Вренцоска, Гоце Наневски, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Ана В’чкова, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Тања Ристевска, Борче Богоевски, Марија Сотировска, како и гостите Лучезар Бојаџиев (Бугарија) и Светлана Волиц (Србија).
„Ова не е изложба што ја гледаш. Ова е изложба што ја чувствуваш“, поентираат од Друштвото.
Изложбата се реалзира со средства обезбедени од Министерството за култура и туризам на Македонија, а годинава и со поддршка на ЈУ Универзална сала Скопје, Македонска опера и балет, Музеј на град Скопје, Македонски Телеком и Музеј на македонската ослободителна борба.