„Скопје расте“ – нова урбанистичка веб-платформа

„Скопје расте“ - урбанистичка веб-платформаСкопје расте“ е иновативна нова веб-платформа преку која граѓаните на неколку скопски населби во центарот на градот можат да бидат во тек со урбанистичкиот развој на нивната населба. Урбанистичките планови и растот на градот се претставени  со визуелна проекција, која според зборовите на авторите, подеднакво е разбирлива и за експертите и за граѓаните.

Платформата им овозможува на жителите на градот хронолошки и по одредени параметри (изграденост, зеленило, паркинг, бесправно изградени објекти) да се информираат за промените кои се случуваат во две градски четврти од центарот на Скопје. Ваквиот хронолошки пристап им дава увид на граѓаните и во идниот изглед на градот. Така, 2020 година е презентирана на начин кој им овозможува на граѓаните да видат како ќе изгледа градот доколку сегашниот план се исполни односно изгради во неговиот максимален капацитет предвиден со постојните урбанистички планови.

Податоците кои се презентирани на оваа платформа се резултат на колаборативен проект кој го спроведе здружението Реактор – Истражување во акција и архитектонското студио АРХИТЕКТРИ. Проектот е финансиски поддржан од Think Tank Fund и Information Program наOpen Society Foundations.