„Скопје пред и по земјотресот“ – документарни филмови во Кинотека

Вечерва (1 октомври) со почеток во 20.00 часот во Кинотеката на Македонија ќе бидат проектирани документарни филмови за скопскиот земјотрес во 1963, создадени од македонски автори во годините по катастрофата. Ова е првиот дел од ваквата програма, која продолжува и во среда, во истото време, со уште неколку вакви филмови. Еве ја програмата за вторник:
„Средби на солидарноста“
Првата годишнина од катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година во Скопје е одбележана со положување венци и свежи цвеќиња на гробницата на загинатите во земјотресот. Во знак на сеќавање и благодарност на подадената рака и помош од целиот свет во Скопје е организирана „Средба на солидарноста“. На оваа манифестација, која од 1964 година станува традиционална, учествуваат културно-уметнички изведувачи од целиот свет.
документарен филм, Македонија
1964, 10 мин., црно-бел, 35 мм
режија и сценарио: Александар Ѓурчинов„Скопје на 26 јули 1963“

Само еден час по катастрофалниот земјотрес кој го запре животот во Скопје на 26 јули 1963 година, снимателите ги забележаа на филмските ленти сиот ужас и размерите на катастрофата. Следат и снимки за напорите на спасителите да ги извлечат повредените под урнатините, како и многубројните жртви за кои немаше спас. Помошта пристигнуваше од сите страни на светот. Во првите денови по катастрофата беше извршена евакуација на најмладите жители од градот.

документарен филм, Македонија
1963, 14 мин., црно-бел, 35 мм
режија и сценарио: Кочо Недков

„Ехото на мојот град“
Филмот ги прикажува последиците од катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули 1963 година. Разурнати, распукани и оштетени згради, стопански и инфраструктурни објекти. Скопје е пусто, никаде нема луѓе. Филмот говори и за големината и разорната моќ на катастрофата. А таа не е само материјалните штети…
документарен филм, Македонија
1963, 9 мин., црно-бел, 35 мм
режија и сценарио: Бранко Михајловски„Кеј 13 Ноември“

Приказ на новоизградениот кеј на реката Вардар во Скопје, кој во чест на 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, го добива името Кеј 13 Ноември; евокација на настаните на овој ден, како и на датумите 16 ноември 1962, денот на големата поплава во градот и 26 јули 1963 година, денот на земјотресот, кој беше причина и повод за скоро целосно видоизменување на градот.
документарен филм, Македонија
1964, 14 мин., црно-бел, 35 мм
режија: Димитрие Османли
сценарио: Димитрие Османли, Симон Дракул
„Проштевање“
По земјотресот во Скопје, на 26 јули 1963, останаа голем број распукани, неупотребливи згради и објекти. Филмот зборува за периодот непосредно по земјотресот, кога Скопје се претвори во големо градилиште, кога сите оштетени објекти што не можеа да се санираат, мораа да се срушат. Луѓето се проштеваа од своите домови, од својот стар град.
документарен филм, Македонија
1964, 9 мин., црно-бел, 35 мм
режија: Бранко Ивановски Гапо
сценарио: Мишо Самоиловски, Гане Тодоровски„Скопски репортер бр.1“

Филм за животот на градот непосредно по земјотресот.
документарен филм, Македонија
1963, 10 мин., црно-бел, 35 мм
режија: Трајче Попов